Прекинат е бојкотот на наставата на околу 270 ученици од основното училиште „Мирче Ацев“ во долненското село Лажани. Советот на родители одлучи да ѝ даде последна шанса на Општина Долнени, да ги санира најголемите проблеми до понеделник. Учениците одржуваат настава во една просторија, а работници на една прилепска фирма веќе започнаа со работа.
„Нема отстапување од нашите барања. Ако до понеделник не завршат со изолација на каблите од струјата кои што минуваат низ ногарите на столчињата, и ако не се санираат подовите, бојкотот на наставата ќе продолжи. Градоначалникот Боше Милошески не ги исполни ветувањата во ноември,па се надеваме дека овој пат, тој сепак ќе преземе мерки и училиштето ќе личи на објект каде може да се одржува настава на ученици“, вели Мирсад Колашинац, претседател на Советот на родители.
Тој додава дека градоначалникот не се појавил на средбата со родителите, туку само претставници од Општината Долнени и претставници за образование од Прилеп.
Од Општина Долнени потврдија дека во тек се активности за санирање на приоритетните проблеми.