ПРЕСПА НЕ СМЕЕ ДА ОСТАНЕ БЕЗ ПАСТРМКИТЕ, СЕ СПРЕМА ПЛАН ЗА ЗАШТИТА

    ПРЕСПА НЕ СМЕЕ ДА ОСТАНЕ БЕЗ ПАСТРМКИТЕ, СЕ СПРЕМА ПЛАН ЗА ЗАШТИТАПретходните истражувања докажаа стабилна и бројна популација на преспанската пастрмка во делот од Брајчинска Река во рамките на Националниот парк Пелистер, но главни закани за овој вид риба се достапноста на храна и изменет хидролошки режим како резултат на користење на речната вода и изградба на хидроцентрали. (Фото: СДК.МК)

    Ќе се истражува популацијата на преспанската, односно пелистерската пастрмка која во светот се наоѓа на Црвената листа на загрозени видови (IUCN). Повеќе од една деценија нема истражувања и ажурирани податоци за состојбата со за овој ендемски вид во Преспа. Балканската фондација за одржлив равој (БФОР) преку проектот „Мониторинг и конзервација на ендемскиот и загрозен вид пастрмка (Salmo peristericus) во Националниот парк Пелистер и Преспанскиот Регион“ ќе изврши истражување за состојбата во Брајчинска, Кранска и Лева Река.

    „Проектните активности ќе се одвиваат на овие три реки во кои со претходните истражувања пред една деценија беа утврдени популации на оваа пастрмка во нашата земја, а воедно е присутна и во Грција во реката Агиос Германос. Претходните истражувања докажаа стабилна и бројна популација во делот од Брајчинска Река во рамките на Националниот парк Пелистер. Недостаток на истражувања за сеопфатна проценка на статусот на ендемиска и загрозена пастрмка повеќе од една деценија, доведува до отсуство на вистински ажурирани податоци за овој вид“, вели професорката Силвана Манасиевска-Симиќ, координатор на проектот.

    Преспанското Езеро и реките кои се влеваат во него содржат девет ендемски видови на риби, меѓу кои е и пастрмката за првпат опишана во 1938 година од Станко Караман, познат ихтиолог. Од другите видови пастрмка таа се разликува по тоа што има мали црни точки на одредени места од телото, како и црвени кои варираат од портокалова до темно виолетова боја.

    „Дополнително, во последните години на реките кои се живеалиште на пастрмката беа изградени мали хидроцентрали кои предизвикуваат закана за нејзината популација, доколку истите не оперираат согласно најдобрите достапни пракси. Затоа, проектот ќе овозможи истражувања и ќе даде посебни препораки кон релевантните институции и концесионери за заштита на популацијата на пастрмката и понатамошно управување со видот“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко-свест“, кои се партнери во проектот.

    Во рамките на проектот ќе се спроведе проценка на дистрибуцијата, големината и статусот на популацијата на ендемскиот и загрозен вид пастрмка (Salmo peristericus), со утврдување на ризиците и предизвиците кои во моментот се актуелни, а воедно ќе биде подготвен акционен план за конзервација на пастрмката. Проектот е финансиран од Prespa Ohrid Нature Trust (PONT) и Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF), а ќе се спроведе во соработка со Националниот парк Пелистер.

    Според книгата „Рибите на Преспа“, објавена од Хидробиолошкиот институт во Охрид и ХИДРА во 2012, главни закани за овој вид риба се малиот носечки капацитет на реките, поточно досатапноста на храна, зголемите количини на речен седимент, отежнато размножување, слабо обновување на популацијата и изменет хидролошки режим како резултат на корисење на речната вода и изградба на хидроцентрали.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира