ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КУМАНОВО ДОБИ СМРТНИ ЗАКАНИ ОТИ ПОБАРАЛА ОД СОВЕТНИЦИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА ДА ГО ТРГНАТ ЗНАМЕТО ОД КУТЛЕШ ОД ЛАПТОПИТЕ

    ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КУМАНОВО ДОБИ СМРТНИ ЗАКАНИ ОТИ ПОБАРАЛА ОД СОВЕТНИЦИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА ДА ГО ТРГНАТ ЗНАМЕТО ОД КУТЛЕШ ОД ЛАПТОПИТЕСоветниците на опозицијата залепија слики од сонцето од Кутлеш и со тоа демонстрираа дека се против политиките на сегашната власт (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска, добила закана по живот на социјалните мрежи, откако вчера, на седницата на Советот побарала од советниците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ да го отстранат сонцето од Кутлеш залепено на нивните лаптопи, бидејќи со тоа се прекршува законот.

    „Таа негативна кампања сѐ уште трае, а насочена е кон мене како претседател на Советот, задолжена за ред и мир и за почитување на законските прописи во оваа сала и воопшто во работата на Советот на Општина Куманово. Апелирам да престанат, бидејќи не им служат на чест ниту на тие кои се закануваат, ниту на оние кои ги поттикнаа. Се оди до таму да има директни закани по животот кон мене, моето семејство и сите членови на мнозинството во Советот. Ние ќе продолжиме со работата чесно и одговорно и ќе го почитуваме законот, а доколку заканите не престанат, ќе се преземат мерки во соодветна постапка“, изјави Мургашанска.

    Жолчната расправа започна вчера, кога советниците на опозицијата имаа залепени слики од сонцето од Кутлеш и со тоа демонстрираа дека се против политиките на сегашната власт.

    Претседателката вели дека реагирала врз основа на член 8 точка 3 од Законот за ратификација на Преспанскиот договор, во кој е наведено дека втората страна нема повторно да го употребува симболот порано истакнат на нејзиното државно знаме. Советниците кои ги истакнаа сликите се правдаа дека тоа не е забрането и прашуваа по кој закон во салата на Општина Куманово се наоѓа знамето на Европска Унија.

    „Можеби по некој закон е забрането на службените лаптопи, но никаде не стои каква слика ќе има на мојот приватен лаптоп. Ве повикувам и вас и надлежните слободно нека дојдат и нека нѐ казнат со предвидената казна за едно вакво дело“, одговори Драган Петковски, координатор на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

    Опозициските советници го напуштија денешното продолжение на седницата додека се донесуваше нацрт-статутарна одлука за измени и дополнувања на Статутот на Општина Куманово, во која се додава името Северна Македонија.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира