ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ ОД БИТОЛА ДОБИ ЕДНА ГОДИНА ЗАТВОР УСЛОВНО СО НЕПРАВОСИЛНА ПРЕСУДА ЗА ШИРЕЊЕ НАЦИОНАЛНА ОМРАЗА

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ ОД БИТОЛА ДОБИ ЕДНА ГОДИНА ЗАТВОР УСЛОВНО СО НЕПРАВОСИЛНА ПРЕСУДА ЗА ШИРЕЊЕ НАЦИОНАЛНА ОМРАЗАКривичната постапка против него ја поведе Основното јавно обвинителство од Битола, а судскиот процес започна во 2023 година.(Фото: СДК.МК)

    Основниот суд од Битола го осуди Љубчо Ѓоргиевски, претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола на затворска казна од една година, со услов од две години да не го повтори кривичното дело, предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Веста Ѓоргиевски ја објави на фејсбук профил на клубот кој  сѐ уште е активен иако здружението е избришано од Централниот регистар на Македонија.

    Во објавата Ѓоргиевски пишува дека не се споредува со големите борци на ВМРО, но ако неговото име е напишано дури и во сенката на нивната големина, тогаш овој чин го прифаќа со смирение и одговорност.

    Кривичната постапка против него ја поведе Основното јавно обвинителство од Битола, а судскиот процес започна во 2023 година. Обвинителството и осудениот Ѓоргиевски имаат право на жалба по пресудата на Основниот суд во Битола.

    На судењето како сведоци на ОЈО се појавија пејачот Ламбе Алабаковски кој пред неколку години фрли молотов коктел врз бугарскиот клуб во Битола, претседателот на Сојузот на борци Стефан Бошков, претставници на Еврејската заедница, хроничари на Битола кои говореа за повредените национални чувства на Македонците со објавите на клубот на интернет со кои се негираше идентитетот на македонскиот народ, како и пароли истакнати во клубот во Битола. На едно од рочиштата Ѓоргиевски се појавуваше во маица со ликот на Ванчо Михајлов и тврдеше дека е горд ванчомихајловист.

    На последното рочиште одржано на 21 мај 2025 година како сведок на одбраната се појави и експремиерот Љубчо Георгиевски кој тврдеше дека Михајлов не бил фашист туку симбол на борбата на независна и самостојна Македонија.

    Одбраната се обиде да прикаже и дека нема пресуда за Михајлов дека бил фашист, на што обинителката Оливера Нечаковска приговараше со контрапрашање „Дали и за Хитлер има пресуда дека е фашист?“

    Таа во текот на судењето се обиде да докаже дека клубот е отворен во Еврејското мало во Битола и дека содржините кои ги објавувале ширеле национална омраза и нетрпеливост. Таа кажа дека експремиерот Геогиевски  не е историчар да толкува историски случувања.

    Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола, во присуство на целиот бугарски државен врв беше отворен во 2022 година. Следната година беше избришан од Централниот регистар откако министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одби барањето бугарското здружение да го користи името на Михајлов, како соработник на фашистите во Втората светска војна.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира