ПРИРОДНИТЕ ЧЕШМИ И СЕЛСКИТЕ ВОДОВОДИ ВО ВЕЛЕШКО СО НЕИСПРАВНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    ПРИРОДНИТЕ ЧЕШМИ И СЕЛСКИТЕ ВОДОВОДИ ВО ВЕЛЕШКО СО НЕИСПРАВНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕВо градскиот водовод водата е здрава и безбедна (Фото: СДК.МК)

    Дури 80 отсто од водата на природните чешми во Велес и неговата околина е бактериолошки неисправна, додека кај 10 примероци вода е утврдено присуство на нитрати и матност над максимално дозволените концентрации. Ова го покажале резултатите од испитувањата на Центарот за јавно здравје за 2018 година.

    „Водите испитувани неколку пати кои почесто се покажале небезбедни, а еднаш или двапати дека се добри, ги прогласуваме за здравствено небезбедни и означени се со табли дека водата не е за пиење. Во селата кои преку водоводи се снабдуваат со вода, но немаат систем на редовна дезинфекција на водата, таа во две третини е бактериолошки небезбедна, со индикатори на фекално загадување, кои предизвикуваат цревни заразни болести“, кажа спец. д-р Снежана Петрова од ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес.

    Таа препорача селските водоводи да се дадат на стопанисување на ЈКП „Дервен“, бидејќи се санитарно-технички небезбедни и потребно е за нив да се грижат стручни служби. Дури и водата што ја пијат дел од велешани, како во Башино Село, е бактериолошки неисправна.

    Според д-р. Лили Чолакова-Дервишова, ова е највисок процент на нездрава вода која тече по селските чешми и водоводи низ Велешко со години наназад и затоа е потребно да се почитуваат заштитните зони околу извориштата.

    „Досега сме имале до 75 отсто чешми со бактериолошки неисправна вода за пиење. Ваквата состојба, кога дури 80 отсто е неквалитетна, се должи на тоа што зоните околу извориштата се узурпирани од луѓе и се чува стока“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    Во градскиот водовод водата е здрава и безбедна и нема докажано бактериолошки небезбедни примероци.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира