Продолжува оштетувањето на археолошкиот локалитет Влахо кај битолското село Живојно од багери кои вршат ископ на јаглен, реагираат повторно од Центарот за истражување на предисторијата. Предупредуваат дека во најстарото неолитско наоѓалиште во земјава веќе е целосно уништена источната периферија на локалитетот, со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени битни информации поврзани со животот во неолитот. При девастирачките работи со багери се оштетени неколку ровови и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки и друго.
Од РЕК „Битола“ велат дека не и вршат ископувањата. Оттаму соопштија дека немаат апсолутно никаква поврзаност ни со ископувањата, ни со приватната компанија која ги спроведува на терен.
Според записникот од 85. седница на Владата од 27 септември 2022, објавен на владиниот сајт, на таа седница е донесена одлука да се прифати иницијативата на приватната компанија „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ за експропријација на земјоделско земјиште во Општина Новаци, КО Живојно во приватна сопственост, заради обезбедување на јавна услуга од областа на енергетиката и минералните суровини. Но на Интернет нема ни нејзина адреса, ни е-пошта ниту телефонски број за да ги исконтактираме. Во записникот од Владата пишува и дека било задолжено и Министерството за економија да го извести Друштвото за производство, трговија и услуги „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ кое врши ископ да депонира средства на депозитна сметка на Министерството за економија во рамки на Трезорската сметка, во висина на проценетата вредност на недвижноста која треба да се експроприра.
Од Центарот за истражување на предисторијата обвинија дека и покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Завод и музеј – Битола да се запре оштетувањето на локалитетот до негово истражување, противзаконски се продолжи со копањето за јаглен во рамки на оваа значајна неолитска населба.
„Благодарение на резултатите добиени од геомагнетното скенирање може да се увиди кои делови од локалитетот се уништени и оштетени, што претставува несовесно и намерно остранување на евидентни археолошки содржини. Направениот ископ за јаглен во источниот дел на локалитетот ќе предизвика натамошен одрон на археолошките слоеви што се наоѓаат до него, како и континуирано оштетување на локалитетот“, реагираат од Центарот.
Од таму нагласуваат дека ваквото неодговорно однесување е недозволиво, особено што Македонија е потписничка на Фаро конвенцијата, иницирана од Советот на Европа, при што државите се заложуваат да го заштитат културното наследство. „Оштетувањето на локалитетот Влахо веќе предизвикува остри реакции од страна на меѓународните институции и стручњаци кои го осудуваат овој вандалски чин. Тоа воедно дава и лоша слика за земјата во која не се почитуваат законите за заштита на културното наследство“, соопштија од Центарот.
Поради своето големо значење и ексклузивност, најновите сознанија за локалитетот Влахо неодамна беа публикувани во угледното научно списание Антиквити кое го издава Универзитетот во Кембриџ. На тој начин, на врвно светско ниво се афирмираа извонредните обележја на оваа неолитска населба, односно нејзиното основање околу 6400 години п.н.е. и присуството на десетина ровови, што го прави овој локалитет еден од најстарите во неолитот во Европа и мошне редок поради својата просторна организација. Од тие причини, велат од Центарот, неопходно е Влахо кај Живојно да се заштити и да се прекине неговото целосно уништување во иднина, а воедно и да се овозможи негово темелно истражување поради значењето што тој го има.
Ж. ЗДРАВКОВСКА