Вработен во Основниот суд во Гостивар бил уапсен под сомнение дека побарал 100 евра поткуп. Тој за тие пари требал да поништи судска казна од 200 евра и шестмесечна забрана за управување возило која ја добило лице од Гостивар. Судскиот службеник е лишен од слобода поради сомнение дека сторил кривично дело Примање поткуп.
„На 20.01.2026 во 20.10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Ростуше го лишија од слобода А. Ј. (49) од село Присојница, општина Маврово и Ростуше, поради сомнение за сторено кривично дело Примање поткуп по член 357 од Кривичниот законик. Според пријавеното од Н. А. од село Калиште, Општина Врапчиште, А. Ј. вработен во Основен суд Гостивар, го контактирал неговиот пријател С. М. од Гостивар и му понудил за сума од 100 евра да избрише судска казна од 200 евра и забрана за управување со возило од шест месеци, тврдејќи дека документите пристигнале кај него за извршување и дека може да му заврши работа. Како што е пријавено, Н. А. во име на неговиот другар го побарал А. Ј. и договориле средба во угостителски објект во Гостивар, а откако се сретнале го информирал дека е новинар и дека снима, по што А. Ј. се обидел да се оправда дека се шегува и се обидел да побегне“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
А.Ј. бил задржан во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
З. АНДОНОВ



