Четиринаесет лица се приведени во гостиварското село Чегране час и половина по полноќ поради пукање од огнено оружје. Тие вчеравечер отишле на излет во околината на селото и таму пукале, а еден заталкан куршум повредил жена во Чегране која била во својот двор. Жената не е потешко повредена, а пиштолџиите завршиле во притвор.
„Ноќеска во 1:30 часот во Чегране, полициски службеници од Полициското одделение Чегране лишиле од слобода 13 лица од Чегране и едно од Гостивар. Тие околу 20:30 часот организирале излет во близина на селото и се сомничат дека пукале од огнено оружје, а еден заталкан куршум ја повредил 52-годишната Р. Ф., која била во двор во селото. Таа била пренесена во Ургентен центар Гостивар, каде што ѝ била укажана лекарска помош“, соопштуваат од СВР Тетово.
Полицијата презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
З. АНДОНОВ