ПРОДОЛЖИ НАСТАВАТА ВО ГИМНАЗИЈАТА ВО ВИНИЦА, ПРОФЕСОРИТЕ ГО СТАВИЈА БОЈКОТ ВО МИРУВАЊЕ ДО 8 НОЕМВРИ

    ПРОДОЛЖИ НАСТАВАТА ВО ГИМНАЗИЈАТА ВО ВИНИЦА, ПРОФЕСОРИТЕ ГО СТАВИЈА БОЈКОТ ВО МИРУВАЊЕ ДО 8 НОЕМВРИПрофесорите вела дека бојкотот го ставиле во мирување до 8 ноември затоа што градоначалникот најавил дека ќе биде објавен јавен оглас за избор на директор. (Фото: СДК.МК)

    По ставањето на бојкотот во мирување до 8 ноември , професорите од гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница денеска ја продолжуваат наставата за 400 средношколци која беше во прекин од 15 октомври. Тогаш, 80 насто од професорите започнаа бојкот на наставата поради назначувањето нова в. д. директорка со рок од 6 месеци, поставена од градоначалникот на Виница. За неа професорите кои бојкотираа рекоа дека има неколку постапки за мобинг, а поради непотизмот што го поддржувал градоначалникот дека нејзините најблиски роднини се на високи функции во училиштето.

    Незадоволните професори се жалеа на притисоци и закани дека ќе добијат отказни решенија затоа што не ја извршуваат нивната основна функција. Тие велат дека попуштиле во интерес на учениците, а бојкотот го ставиле во мирување до 8 ноември затоа што градоначалникот најавил дека ќе биде објавен јавен оглас за избор на директор.

    Во соопштението ги објаснуваат случувањата и состојбата и ги повикуваат учениците да продолжат со настава и со секојдневните училишни активности:

    „И покрај настојувањата да се разреши од функција д.д. директорката на СОУ ‘Ванчо Прке’ – Виница Тања Анакиева-Давитковска од страна на градоначалникот, сепак тоа не се случи и после 5 дена бојкот. Ние вработените во СОУ ‘Ванчо Прке’ – Виница сме крајно разочарани од односот на надлежните, а посебно од градоначалникот Миле Петков кој во овој момент воден од теснопартиски интереси и без да води сметка за тоа дека наставата во училиштето не се одвива, со што најмногу се погодени нашите ученици, немаше слух за нашите барања. Имено, ние веќе неколку дена се обидуваме да му објасниме на градоначалникот дека именуваната в. д. директорка нема ниту интегритет, ниту демократски капацитет да ја раководи оваа институција, посебно тоа што против нејзе е покрената дисципинска постапка за притисок и мобинг. И покрај тоа, имаме впечаток дека градоначалникот Миле Петков купува време се со цел за да успее во намерата да ја задржи новоназначената в.д. директорка која со своите болни амбиции за власт и моќ, нема ни најмалку свест и совест да откаже од своите намери и покрај тоа што повеќе од 80% од вработените не ја прифаќаат. Ова се случува со јавно изјаснување на градоначалникот дека ќе донесе одлука за распишување на Оглас за директор, но тоа се уште нема реализирано“, велат професорите во соопштението.
    Тие велат дека се добива впечаток оти градоначалникот не го интересира образовниот процес за кој тој е одговорен, туку „водејќи се од теснопартиски интереси, а веќе се сомневаме и во лични интереси, ја држи во заложништво цела Виница, зошто сите сме засегнати, било директно или индиректно“.

    „По неколкуте преговори и разговори со градоначалникот и просвениот инспекторат, ние како одговорни професори имајќи го предвид правото на образование и најдобар интерес на децата решивме да отпочнеме со редовна настава и бојкотот да го ставиме во мирување до 08.11.2024 година, до кога како што вети градоначалникот Миле Петков треба да се распише Оглас за директор и да се спроведе постапката за избор на директор“, се вели во соопштението на професорите кои ја бојкотираа наставата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира