Повеќе од една деценија, на сите министри за земјоделство и на првите луѓе во власта им носевме мостри од кочанскиот ориз за да видат каква е разликата со оризот што долги години го има кај нас во маркетите како мешан и е крајно неквалитетен или е странски ориз со кочанска декларација, велат оризопроизводителите од Кочанско.
„Ние не сме прости луѓе. Земјоделците будно ја следат земјоделската политика во државата. Ги знаеме законите во аграрот, ги читаме најновите законски измени во кои оризот и јачменот не се споменуваат како стратешки култури. Тоа значи дека ќе бидат запоставени и нивните производители“, вели претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорги Каракашев.
Како што велат оризарите, состојбите не се подобрени. Иако заедно со пченицата, тутунот и јачменот треба да биде стратешка култура, оризот не го добива тој статус. И натаму оризопроизводството и откупот се во континуирана криза.
„Се ставаат во трет план над 3.000 производители кои живеат или егзистираат од оризот. Кочанскиот Регион располага со 4.000 хектари со ориз, но џабе е тоа производство кога нема адекватна и праведна политика на откуп, па се случува домашниот ориз да скапува во амбарите на земјоделците, чиј ориз не се откупува или им се нуди крајно понижувачка цена од 22-23 денари за килограм оризова арпа. Ние мислиме, а земјоделските институти пресметале, дека во денешно време производствената цена на арпата треба да биде најмалку 40 денари. Но, откупувачите кои имаат монопол во Македонија и свои производствени капацитети со по 200-300 хектари државно земјиште застапено со ориз, привилегирано си го откупуваат своето производство, а на останатите им нудат минимални цени за оризова арпа“, вели оризопроизводителот Здравко Арсов од Облешево.
Кочанските оризопроизводители додаваат дека оваа година доживуваат невиден крах и поради временските неприлики. Поради честите врнежи од дожд есенва, жетвата неколкупати со недели се пролонгираше, па се случува голем дел од родот да не може да се ожнее. Се смета дека над 30 проценти од годинашниов род ќе остане неожнеан.
Т. ЈОВАНОВСКИ



