Априлските утрински мразови го замрзнаа цутот на овошките во Велешко, но и во Градско и Росоман. Тоа драстично ќе го намали родот на праските, кајсиите, црешите, модрите сливи, јаболката и крушата. Ниските темепратури кои беа регистрирани на крајот од март и снегот и мразот во првата недела од април, ќе го намалат родот и до 80 отсто, велат овоштарите.
„Состојбата е алармантна. Имам садници овошки во регионот на Општина Чашка, селата Стари Град и Мартолци. Сè измрзна уште во фаза на цутот. При првиот студен бран со ниски температури имав околу 30 отсто уништување. Со вториот бран кога имаше мраз, има 80 до 90% штета“, вели Горан Грујов овоштар од Велешко.
Род може да очекува од јаболкото, златен делишес, кое подоцна цути.
Слична е состојбата и во Општина Градско, овоштарите од околните села, велат дека има големо замрзнување.
„Бидејќи сме во рамничарски дел, покрај Вардар, сè измрзна. Род нема да имаме, ниту од кајсија, ниту од праска“, вели овоштар од село Виничани.
Најголемиот одгледувач на праска и кајсија во Македонија е регионот на Росоман. Од таму овоштарите испраќаат лоши вести.
„Состојбата е најблаго кажано катастрофа. Сè е измрзнато, долу што е на пониското е сто посто, на повисокото нешто остана. Се уништи родот и на црешата, дуњата. По мои првични проценки ќе имам род 5% од ланскиот. Лани набрав 500 тони овошје, ако годинава наберам 20 тони ќе бидам среќен“, речи Владо Орданов од Росоман.
Овоштарите од овој регион се жалат и на тоа што уште не се обештетени од сушата во летото 2023 година која настана поради хаваријата на водоснабдителниот систем Макарија.
„Пред десетина години кога исто фати мраз, ни ветија дека ќе не обесштет да не плаќаме водна заедница, за наводнување. Не плаќавме, но по некое време стасаа сметки и денес по толку време, не дадоа на суд, даден сум на извршител за неплатени сметки. Ниту осигурителните компании не осигуруваат за штети од мраз“, вели Петре Миновски овоштар од Росоман.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски ги повика овоштарите да ги пријават настанатите штети од ниските температури, општинските комисии навремено да ги сработат сите барања и проценки кои што се направени на терен. Најави дека Владата ќе излезе во пресрет и ќе ги обесштети сите кои што претрпеа штета од годинашните пролетни ниски температури.
П. ПЕЧКОВ