Општина Куманово на секое прваче кое ќе се запише во новата учебна 2023/24 ќе му обезбеди 2.000 денари. Советниците вчера ја донесоа оваа одлука за да им ги олеснат трошоците на семејствата на новите ученици.
„Ова е прва година како се даваат субвенции на родителите кои запишуваат ученик во прво одделение во учебната 2023/24 , и исплатата ќе врши по ученик. Определено е да се исплатува по 2.000 денари. Барањата можат да се поднесат во Општина Куманово или во училиштата од 1 јуни до 30 септември, откако детето ќе се запише во училиште. Посакувам ова да стане пракса и да се спроведува секоја година бидејќи и оваа симболична сума е од помош на семејствата на учениците“, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование во Општина Куманово.
Предлогот за давање финсиска поддршка на семејствата кои имаат првачиња беше поддржана од сите советници. Идејата постоеше уште од минатата година, но се донесе за наредната учебна година.
Советниците кажаа дека одлуката е правична и се однесува на сите семејства кои имаат првачиња. Од годинашново искуство ќе се креираат политики за наредните години за поддршка и на други категории на ученици.
Субвенции на првачињата веќе има во повеќето градови во земјата.
С. НИКОЛИЌ