ПРВОТО ОСУДЕНО ЛИЦЕ ЗАПОЧНА ДА ЈА ИЗДРЖУВА КАЗНАТА КУЌЕН ЗАТВОР СО ЕЛЕКТРОНСКИ НАДЗОР

    ПРВОТО ОСУДЕНО ЛИЦЕ ЗАПОЧНА ДА ЈА ИЗДРЖУВА КАЗНАТА КУЌЕН ЗАТВОР СО ЕЛЕКТРОНСКИ НАДЗОРВрз осуденото лице е поставена алка на глуждот на ногата, не смее да го напушта своето живеалиште во времетраење од три месеци, има право на престој на свеж воздух од најмногу два часа дневно. (Фото: УИС)

    Лицето П. Ѓ., 79-годишник од населбата Чашка, Велешко, од денеска започна да ја издржува казната домашен затвор со примена на опрема за електронски надзор, соопшти Управата за извршување на санкции (УИС). Ова е прв случај на изречена ваква казна во земјава.

    „На осуденото лице за првпат беше поставена опремата за електронски надзор, со што започна извршувањето на првата изречена пресуда куќен затвор. Врз осуденото лице беше поставена алка на глуждот на ногата. Истиот нема да смее да го напушта своето живеалиште во времетраење од три месеци, има право на престој на свеж воздух од најмногу два часа. Овој начин на извршување на казната е поекономичен за државата, а имајќи ја предвид возраста на сторителот воедно претставува и похуман начин на извршување на казната“, соопшти УИС.

    Во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и ограничувањата дадени од судот, пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација. Ова е е една од малкуте изречени казни од таков вид во судската пракса во Македонија.

    Казната беше изречена во јуни во Основниот суд Велес, впо признание на вина на обвинетиот П. Ѓ. Тој е осуден за кривичното дело Полово вознемирување на дете

    Ако осудениот ја прекрши забраната за напуштање на домот, по предлог на надлежен орган, судот може да одреди заменетата казна затвор да се изврши во целост во установа за извршување на казната затвор.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира