Откако пред 30 години е формиран повеќепартискиот состав на Советот на Општина Тетово па до денес, советниците немаа можност на посебна седница да поставуваат прашања до градоначалникот и локалната власт. Денешната прва ваква седница на Советот започна со препирка помеѓу советниците зошто прво се поставуваат прашањата од власта, а не тие од опозицијата.
Најголемиот дел од четириесет и трите прашања кои претходно беа доставени од опозицијата, а и од советниците од владејачката коалиција, најмногу беа насочени кон комуналните и инфраструктурните проблеми на градот. На прашањата одговараа началниците на секторите, а во повеќе наврати одговор даваше и градоначалникот Билал Касами.
Одговарајќи на прашање кога ќе се реши сообраќајниот хаос и со паркинзите во градот, Касами се пожали на лошата соработка со тетовската полиција.
„Додека не се среди проблемот со сообраќајот кој е во надлежност на полицијата, тешко е да се најдат приватни инвеститори кои би инвестирале милион евра во изградба на катни гаражи. Затоа, во ваква ситуација не можеме да градиме вакви паркинг места. Уште од времето на минатата власт претпријатието за паркинг имаше големи долгови кои ние моравме да ги отплатуваме. Ако полицијата сакаше да соработува во средувањето на сообраќајот, тогаш ќе можеше да се реши ова прашање. Кој би се паркирал во катна гаража ако полицијата дозволува паркирање на улиците“, објаснуваше Касами.
За средување на состојбите со фрлање смет надвор од контејнери, Касами посочи дека наскоро ќе почнат да функционира видеонадзор преку кој ќе може да се контролира кој го фрла сметот надвор од контејнерите и тие прекршители ќе се казнуваат.
На прашање колку денес изнесува долгот на Општина Тетово, Касами се пофали дека тој е намален за 4 милиони евра.
„Долгот на Општина Тетово заедно со Јавното комунално претпријатие и другите претпријатија, е намален за околу 4 милиони евра и сега тој изнесува 20 милиони и 162 илјади евра. Намален е и долгот на ЈКП кое беше најзадолжено претпријатие. Тој долг во 2021 година изнесуваше над 9,4 милиони евра, а сега е намален на 8,2 милиони евра“, беше речено на седницата.
Од ваквите одговори не беа задоволни советниците од опозициската ДУИ кои обвинија дека градоначалникот Касами, кој е речиси 2 години на власт, не исполнил ниту едно од своите изборни ветувања.
„Ја претвори Општината во штаб на Движењето БЕСА со партиски милитанти, а Општина Тетово денеска е последна на листата на транспарентност. Капиталните инвестиции се нула, а градоначалникот сака да се извлече од оваа ситуација со проекти кои ги најде готови од претходното раководство“, обвини Лиридон Диша советник од ДУИ.
Советниците од оваа партија на влезната врата од салата во Општината залепија плакати на кои беа напишани нереализираните ветувања на градоначалникот Касами.
З. АНДОНОВ