ПУМПИТЕ ВО ХИДРОСИСТЕМОТ ЃАВАТО ИСКЛУЧЕНИ ПОРАДИ ВИСОКОТО НИВО НА ВОДАТА ВО ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО И ОГРОМНИТЕ ТРОШОЦИ

    ПУМПИТЕ ВО ХИДРОСИСТЕМОТ ЃАВАТО ИСКЛУЧЕНИ ПОРАДИ ВИСОКОТО НИВО НА ВОДАТА ВО ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО И ОГРОМНИТЕ ТРОШОЦИВо моментов нивото на Дојранското Езеро е за 70 сантиметри над дозволената кота. (Фото: СДК.МК)

    Речиси четири месеци не тече вода во Дојранското Езеро од хидросистемот Ѓавато изграден пред две децении. Исклучени се пумпите кај Богданци и во моментов нема дотек на вода во каналот кој беше изграден за да се спаси Езерото од еколошка катастрофа. Паралелно нема вода ниту за хидроелектраната Топлец на фирмата „Езотерна“ која пред 20-тина години има склучено договор со државата и доби дозвола за производство на енергија токму од водата од системот Ѓавато.

    Од Министерството за животна средина, кое е одговорно за хидросистемот долг 22 километри, велат дека пумпите се исклучени поради високото ниво на Езерото, но и поради огромните трошоци за електрична енергија.

    „Во меѓувреме, буџетот на Министерството е неоправдано оптеретен со енормно високи сметки за електрична енергија кои од 4 милиони за месец, од октомври минатата година се зголемија на повеќе од 20 милиони денари за месец. Нема место за вознемираност и во случај на евентуално намалување на нивото на Езерото, Владата ќе ја разлгеда можноста за повторно приклучување на системот“, соопштија од Министерството за животна средина.

    Веќе 4 месеци не тече вода во хидросистемот Ѓавато  долг 22 километри. (Фото: СДК.МК)

    Според последните мерења, во моментов нивото на Дојранското Езеро е за 70 сантиметри над дозволената кота, вели Златко Талески, задолжен од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за контуинирано мерење на нивото на водата на езерото.

    Од Министерството за животна средина, кое за одржување на хидросистемот Ѓавато лани издвоило околу 33 милиони денари плус плати за вработените, не конкретизираа како ќе плаќаат пенали за нефункционирањето на хидроелектраната Топлец на која според договорот треба да се испорачуваат 200 литри во секунда.

    „Пооправдано е раскинување на договорот за концесија за хидроелектраната Топлец која останува во сопственост на државата и плаќањето на надоместокот за раскинвуање на Договорот, отколку системот да продолжи со работа на начин на кој сега фунцкионира“,  велат од Минитерството за животна средина.

    Хидросистемот Ѓавато е изграден во 2002 со цел полнење на Дојранското Езеро.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира