После 11 години откако почна да се гради автопатот Кичево-Охрид, денеска висока државна делегација на патот кај Дебарца, промовираше дека се завршени 20 километри на потегот од Врбјани до Ботун од автопатот, кој е со вкупна должина од 57 километри. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски кажа дека до крајот на 2026 ќе биде готов и целиот автопат.
Автопатот почна да се гради во 2014, во време на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Никола Груевски, и сѐ уште не е завршен. Тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, до 2018. Но, со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, беше кажано дека проектот е утнат, има еден куп нерешени проблеми на трасата. Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и беше потпишан нов анекс-договор со кинеската фирма од дополнители 185 милиони евра.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ова е еден од најголемите и еден од најзаглавените инфраструктурни проекти во Македонија.
„Проектот кој со години стоеше како симбол на застој, како срамна слика за држава што тапка во место, денес е симбол на новото време. Седум години траеше чекањето, ветувањата без дела, бесцелното трошење време, пари и нерви на граѓаните. Секој метар од автопатот е изграден со напорна работа, но и со јасна волја за напредок и да се стави крај на неуспесите од минатото“, кажа Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ова е еден од најголемите и еден од најзаглавените инфраструктурни проекти во Македонија. (Фото: Влада на РСМ)
Николоски рече дека со изградбата на овој автопат побрзо ќе се патува до Тетово, до Гостивар и до Скопје, ќе се поврзе Македонија со Албанија и секако ќе се отворат големите туристички центри Охрид и Струга за сите кои сакаат да ги посетуваат.
„Само сакам да кажам две работи, првата дека ова беше симбол за неспособноста на минатата Влада на СДСМ и ДУИ, ова беше заборавен напуштен проект на кој немаше работници, инженери, ниту машини, и ова е проект кој е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика помеѓу нас и нашите политички опоненти. Второт е дека е многу значајно и симболично е што првиот дел од патот го отвораме во славна Дебарца – овде има многу историја, многу приказни а сега и модерен автопат“ рече Николоски.
До 31 декември 2026 е последниот рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид. Владата на седницата на 26 март 2024 донесе одлука за продолжување на рокот за изградба на делницата.
„Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница“, соопшти тогаш Владата.
Автопатот Кичево-Охрид до овој момент со сите анекс договори чини преку 600 милиони евра. Започна да се гради на 22 февруари 2014. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу македонската Влада и кинеската компанија.
- ДО КРАЈ НА 2026 Е НОВИОТ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД, ВЛАДАТА ЌЕ СКЛУЧУВА НОВ АНЕКС
- ПЕТ ЗАГИНАТИ И 54 ПОВРЕДЕНИ ВО СООБРАЌАЈКИ НА ПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ЗА ГОДИНА И ПОЛ, КАЈ И ДА Е, АВТОПАТОТ КОЈ ГО ПОЧНА ГРУЕВСКИ ВО 2014 ЌЕ ГО ДОЧЕКА И ДА СЕ ВРАТИ ОД БЕГСТВО
- АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД СЕ ГРАДИ ОД МАЈ 2014, ЦЕНАТА МУ ПОРАСНА ЗА 45 ОТСТО И НИКАКО ДА СЕ ЗАВРШИ, ВЕЛАТ ДРЖАВНИТЕ РЕВИЗОРИ
С. ВРЕНЦОВСКА