По еднонеделниот штрајк, 150 вработени од вкупно 300 во фабриката за обувки „Баргала“ од Штип денеска протестираа пред општинската зграда, незадоволни од платите и нивната нередовност.
„Ваквата состојба се провлекува веќе две години. Кога штрајкуваме, ќе ни исплатат некаква минимална плата без никакви критериуми, а потоа пак ништо. И така со месеци. Последната плата што ја зедовме беше за јуни. Не се почитуваа ниту мерките на Владата. Работевме редовно, а бевме исплатени кој како, со 10.000, 11.000 или 12.000 денари“, велат вработените во фабриката кои денеска имале средба и со градското раководство.
„Ни беше речено дека иако нема никакви ингеренции, Општината сепак ќе се обидела да се реши проблемот и нѐ упатија нашите реакции да ги свртиме кон трудовата инспекција“, рекоа револтираните работници кои од фабриката добиле отказни решенија, но не ги потпишале.
Од трудовата инспекција информираа дека постапките се во тек, додека раководството на фабриката, и покрај нашите неколку обиди, не беше достапно да објасни со какви проблеми се соочуваат и што преземаат вработените да имаат работа и да земаат редовни плати.
Т. ЈОВАНОВСКИ