РАБОТНИЦИ ОД ФЗЦ КУМАНОВО ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ РАБОТА ОТИ ПОБАРАЛЕ ПОГОЛЕМИ ПЛАТИ

    РАБОТНИЦИ ОД ФЗЦ КУМАНОВО ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ РАБОТА ОТИ ПОБАРАЛЕ ПОГОЛЕМИ ПЛАТИВработените правдата ќе ја бараат на суд и веќе се поднесени 460 тужби во Основниот суд Куманово. - Вработените од ФЗЦ на штрајк во кругот на фабриката (архивска фотографија)

    Стотина работници од Фабриката за заварени цевки и профили (ФЗЦ) „11 Октомври“ од Куманово, добиле отказни решенија затоа што не сакале да го потпишат анексот на колективниот договор со коефициент по кој и досега им се пресметувала основната плата, туку барале негово зголемување.

    Како што кажуваат дел од отпуштените работници, проблемите се појавиле кога започнала примената на Законот за минимална плата, па дошло до изедначување на платите помеѓу општите и квалификуваните работници, што создало незадоволство меѓу вработените. Тогаш и работниците на поодговорни мести и со стручна квалификација побарале да им се зголеми коефициентот.

    „На почетокот бевме 200 работници кои не сакавме да го потпишеме договорот. Во меѓувреме со големи притисци, закани, уцени и тортури осумдесетина се откажаа и останавме 120 работници кои опстојуваме на намерата. Се работи за луѓе кои здравјето го оставивме во фабриката, сите сме над 50 години возраст и над 30 години стаж. Платите ни ги изедначија со општите работници и чистачките, кои немаат никава одговорност во работа, а ние го носиме процесот на призводството во фабриката“, – се жали еден од работниците.

    Во решавање на проблемот се вклучил и синдикатот, но не било најдено компромисно решение бидејќи газдата не отстапувал од своите позиции. Доколку не се повлечат решенијата работниците до крајот на месецот ќе останат на улица.

    Вработените правдата ќе ја бараат на суд и веќе се поднесени 460 тужби во Основниот суд Куманово. Се жалат дека државата не ги штити нивните интереси иако биле констатирани неправилности во постапката од инспекциските служби, а биле и на средба со министерката Мила Царовска. За денеска во 15 часот најавуваат протест пред Владата, на кој ќе бараат заштита на нивните права.

    Кумановската фабрика „ФЗЦ“ од некогашен гигант во поранешна Југославија во која работеле над 2.000 луѓе, сега работат 600 луѓе. Во 2014 година ја приватизираше локална кумановска фирма „Квалитет – пром“ откако го купи мнозинскиот пакет акции од 50,6 отсто од „Експорт Импорт банка“, а потоа со докупување на уште 10 отсто од акциите од малите акционери денес поседува над 60 отсто од фабриката.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира