Комитетот на Бернската конвенција при Советот на Европа бара Владата итно да ги раскине концесиите за мали хидроелектрани во Националниот парк Маврово. Оваа одлука е донесена на 42 седница за отворениот случај од 2013. Комитетот го препознал напредокот во однос на имплементацијата на Препораката бр.211 од 2021 година, особено раскинувањето на 7 концесии за мали хидроцентрали во новопрогласениот Национален парк Шар Планина. Оваа иницијатива на Владата била посочена како пример што треба да се примени и во Националниот парк Маврово.
„Раскинувањето на концесиите во НП Маврово е од клучно значење за идното разрешување на отворениот случај во Бернската конвенција. Затоа го предложивме како прв и најважен чекор и истото беше прифатено од страна на Комитетот. Ја охрабруваме Владата да го следи примерот со раскинување на концесиите на Шар Планина и бараме веднаш да го отпочне процесот на репрогласување на „Маврово“ во соработка со граѓанските организации. Воедно, Владата мора итно да ги обезбеди средствата за овој процес од државниот буџет, следејќи ја препораката“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.
Од Еко-свест велат дека Комитетот го прифатил навниот предлог за итна подготовка на методологија за утврдување на еколошкиот проток. Обезбедување на еколошки проток на водата кој овозможува здравје на сите зависни екосистеми е клучно за унапредување на заштита на реките и водниот биодиверзитет како и за ублажување на евидентните штети од изградбата на малите хидроцентрали.
Комитетот, земајќи го предвид постигнатиот напредок и очигледната подготвеност на Владата да преземе акција, одлучил да го задржи случајот како отворен и ги покани двете страни да презентираат нови извештаи за напредокот во однос на случајот и Препораката бр. 211 во јули догодина.