Трите расни коњи во скопската Зоолошка градина биле отруени со брзоделувачки отров, покажаа официјалните резултати од обдукциските наоди, соопшти Зоолошката.
„Резултатите од обдукцијата се доставени во МВР и во Агенцијата за храна и ветеринарство за понатамошно постапување. ЗОО Скопје поднесе и официјална кривична пријава, а по сторителот активно се трага и се проверуваат сите снимки од безбедносните камери. Ваквиот срамен и кукавички чин силно го осудуваме и апелираме до МВР и Обвинителството да постапат што е можно побрзо со цел санкционирање на сторителот“, велат од скопската ЗОО.
На 30 јули угинаа два коња, а на 31 јули и третиот. Станува збор за пржевалски коњи кои се ретки и скапи, по потекло се од Монголија, а во Скопје се донесени од национален парк во Австрија како донација на приватна фирма.
Во Зоолошката градина во мај угина и жирафата Каспер. Според патохистолошката анализа од Факултетот за ветеринарна медицина, беше констатирана инфекција од салмонела. Оваа бактерија била пронајдена во желудникот на жирафата, црниот дроб, слезината и цревата. Притоа, во цревата биле најдени и паразити.
Лани во јули во градината беа заклани 12 коњи, по што беше разрешен тогашниот в. д. директор Кристијан Стаменов.
Пред еден месец, скопската Зоолошка градина го изгуби кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Кандидатскиот статус на кој се работеше десетина години е изгубен поради неисполнување на обврските зададени од ЕАЗА изминативе две години.
Б. НЕСТОРОСКА