Расте смртноста од хепатитис и во земјава достигна 1,5 проценти, соопштија од Хепар центарот во Битола по повод Светскиот ден на борба против оваа болест.
„Смртноста и на европско и на светско ниво е голема, до 3.000 луѓе на ден. На секои 30 минути по еден човек умира од хроничен хепатитис Б и Ц. Процентот на смртни случаи кај нас е 1,5. Има благо зголемување со ковидот. Тоа ќе го потврдиме и со податоците од Мој термин што ги очекуваме. Нашите претпоставки се дека има 20.000 пациенти во Македонија, но можно е да се работи за околу 30 000. Треба да се преземаат мерки, зашто ако не се лекува, хепатитис може да доведе и до рак. Така ќе се намалат трошоците, зашто онколошката терапија чини многу, а да не зборуваме за новата биолошка терапија, која за еден пациент може да достигне до 150.000 евра. Со таа сума можат да се третираат 15 пациенти со хепатитис“, вели Милан Мишковиќ од Хепар центарот.
Бројот на лица инфицирани со хепатит Б и Ц се зголемува, посебно со ковид кризата. Се очекува во следните две-три години да има зголемен број карциноми на црниот дроб.
„Апелираме до Министерството за здравство терапијата за хепатитис Б што е можно побрзо да биде ставена на позитивната листа. За Ц има доволно буџет за клиниките. Годинава во светот е откриена и голема група пациенти со хепатитис Д, заедно со хроничниот хепатитис Б. Се надеваме дека и кај нас сите пацинети со Б ќе бидат подложени на скрининг за Д. Нема лек за него, но вакцината за хепатитис Б штити“, вели Мишковиќ.
Клиниката за онкологија во Скопје уште на самиот почеток ја набави најновата терапија за црнодробен рак. Но, од Хепар центарот велат дека во моментов е при крај или е завршена. Им било кажано дека Министерството издвоило финансии и дека по Илинден со ребалансот на буџетот ќе биде објавена набавката и ќе се реализира во рок од 45 дена.
„Во тек е реновирање на Центарот за црн дроб на Клиниката за гастроентерохепатологија, делумно со помош на американската амбасада. Планирана е донација, која требаше да пристигне до Светскиот ден на борба против хепатитисот, но поради бирократски пречки, засега не е испорачана, како и еден биохемиски апарат, кој заедно со група тестови треба да пристигне во Центарот. Сето ова се очекува до октомври“, вели Мишковски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА