Советникот во Општина Велес Марјан Николов, побара ова тело да ја започне постапката за манифестациите Рацинови средби и Детски Рацинови средби да станат национални установи. Тој смета дека оваа иницијатива е долг кон делото на поетот Коста Солев Рацин.
„Потребно е овие две манифестации да станат институции од национален карактер. Затоа треба Советот да ја покрене иницијативата. Манифестациите кои низ годините го славеа Рацин, заслужуваат да се подигнат на национално ниво. Да ја почнеме со време постапката, за следните две манифестиции, и Рациновите средби и Детските Рацинови средби, да бидат организирани од установа која ќе биде национална“, кажа Николов на седница на Советот.

Марија Солева, мајката на Кочо Рацин, на првите Рацинови средби кои се одржани на 13 јуни 1963 во киното „11 Октомври“ во Велес. (Фото: Архивска фотографија)
Рациновите средби и Детските Рацинови средби се организирани од Општина Велес, која преку пренесување на надлежноста на јавен повик ги доделува на граѓански здруженија. Се финансираат од средства од општинскиот буџет и со средства кои се доделуваа од годишните програми на Министерството за култура, а се скромни.
Лани во ноември, здружението „Плус публика“ се повлече како организатор на Рациновите средби, па годинава ќе ги организира Општина Велес заедно со Градската билиотека.
П. ПЕЧКОВ