РАЗБОЈНИЦИТЕ ШТО ИЗБЕГАА ОД ЗАТВОР И ВРЗАА СУДИЈА ВО КУМАНОВО, ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ Ѝ БЕГААТ НА ПОЛИЦИЈАТА

    РАЗБОЈНИЦИТЕ ШТО ИЗБЕГАА ОД ЗАТВОР И ВРЗАА СУДИЈА ВО КУМАНОВО, ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ Ѝ БЕГААТ НА ПОЛИЦИЈАТАЛуѓе вклучени во истрагата велат дека пронаоѓањето одело тешко поради тоа што во зима тие можеле лесно да се замаскираат со капа и шал и никој да не ги препознае - улицата пред судот во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Двајцата разбојници што пред Нова година побегнаа од затворот Идризово и нападнаа и врзаа со кабел судија од Кумановскиот суд во неговата викендичка се уште се недостапни за полицијата. Против нив МВР поднесе кривична пријава за разбојништво во отсуство.

    Луѓе вклучени во истрагата велат дека пронаоѓањето одело тешко поради тоа што во зима тие можеле лесно да се замаскираат со капа и шал и никој да не ги препознае. Ама сега откако се стопли времето се сомневаат дека избегале преку граница и затоа не може да им се влезе во трага.

    О.М.(39) од Куманово и Б.К.(47) од Рашче, Скопје, кои се осудени за убиство и за десетина други тешки кривични дела повеќе од 4 месеци се на слобода, иако по нив интензивно се трага, а распишанa е потерницa  во државата и на граничните премини. Веднаш по бегањето од затвор, тие биле видени во околината на Куманово, а извршија и неколку кражби на маркет, менувачница и автомобил. Најсилно одекна во јавноста нападот на судијата З.С.(51) и неговиот сосед В.Д. (65), кои на 2 јануари заминале во обиколка на неговата викендичка во кумановското село Зубовце. Таму биле пречекани од затворениците, кои се криеле во куќата. Со сила и со вперен пиштол им наредиле да влезат во викендичкатата, по што ги врзале со електричен кабел и им одзеле околу 10.000 денари, клучеви од автомобилот и мобилните телефони. Потоа побегнале со возилото на судијата.

    Судијата и пријателот успеале сами да се одврзат и да побараат помош во селото.

    Неофицијално кумановскиот разбојник се заканувал дека ќе се одмазди на луѓето што му згрешиле и судиите, поради што беше зајакнато обезбедување на Кумановскиот суд и на некои функционери и бизнисмени.  Зголемено присуство на специјалци имаше и во сите делови на градот и на периферијата, бидејќи осуденикот одлежува затвор заради малтеретирање и разбојништва на стари лица во кумановските села. Во потрагата беа повикани да помогнат и граѓаните кои ќе ги забележат насилниците, па на повеќе бензински пумпи беа излепени нивните слики.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира