РЕАКТИВНАТА МИСИЈА НА УНЕСКО ПРИСТИГНА ВО ОХРИД, ЌЕ СЕ УТВРДУВА ШТО Е СРАБОТЕНО НА ТЕРЕН

    РЕАКТИВНАТА МИСИЈА НА УНЕСКО ПРИСТИГНА ВО ОХРИД, ЌЕ СЕ УТВРДУВА ШТО Е СРАБОТЕНО НА ТЕРЕНВо септември минатата година Македонија доби Извештај дека Охридскиот регион го задржува статусот на заштитено светско природно и културно наследство под УНЕСКО, но и обврска да поднесе нов ревидиран план за заштита на Охридскиот регион. (Фото: СДК.МК)

    Реактивната мисија на УНЕСКО од денеска па во наредните два дена ќе ја скенира состојбата во Охрид за да ја утврди фактичката состојба на терен, а ќе ги посети и сите засегнати институции, по што ќе донесе заклучоци по кои ќе треба државата да постапува.

    Во септември минатата година Македонија доби Извештај дека Охридскиот регион го задржува статусот на заштитено светско природно и културно наследство под УНЕСКО, но и обврска да поднесе нов ревидиран план за заштита на Охридскиот регион и нови измени во Законот за заштита и управување на Старото градско јадро на Охрид.

    Според овој закон, се предвидува забрана на нови градби. До донесување на новите детални урбанистички планови, не ќе може да се градат нови објекти, доградби и надградби во Старото градско јадро на Охрид со цел да се заштити споменичкото наследство и да се задржи автентичниот карактер на овој дел од градот.

    Според министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ова е сложен процес во кој покрај Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, вклучени се и Oпштините и институциите кои се занимаваат не само од областа на заштита на културно наследство туку и од областа за заштита на животна средина.

    „Најголемиот проблем кој што беше наследен е тоа што првиот Закон за прогласување на охридското Старо градско јадро за заштитено е донесен во 2010 година, а комисијата која требаше да одлучува по однос на предмети кои го тангираат овој регион беше формирана во 2018-2019 година. Што значи дека тој вакум од 9 години беше навистина многу долг и во тој период се донесоа многу закони кои воопшто не се консултирани со законите кои што владеат во Охридскиот регион. Полека, полека тие закони ги усогласуваме што не е лесен процес, но имаме некој напредок“, смета Костадиновска-Стојчевска.

    Со законските измени нема да може да се менуваат висината, габаритот и фасадниот изглед на куќите, забрането е да се прават галерии или потпокриви, покриени рамни тераси и француски балкони како и гаражи и базени како посебни објекти на градежната парцела. Мештаните на домовите можат да ставаат само ПВЦ прозорци и врати во кафеава боја. Во овој дел од градот не е дозволено поставување телевизиски антени, големи рекламни паноа, билборди, неонски светлечки реклами, фотоволтаични уреди и сончеви колектори, а не се дозволени ниту објекти за игри на среќа и на забавни игри.

    Општината неодамна постави унифицирани рекламни табли изработени од дрво и ковано железо на осумдесеттина угостителски објекти, занаетчиски работилници, сместување и други субјекти што вршат туристичка и услужна дејност во Стариот дел на Охрид.

    „Замената на светлечките реклами со типизирани табли, идентични за сите објекти, има за цел задржување на автентичниот изглед на тој дел од градот во рамки на процедурата на етапно стандардизирање и визуелно унифицирање на урбаната опрема поставена на најатрактивните локации низ градот. Правилникот и каталогот за стандардизација и визуелна унификација на урбаната опрема е изработен согласно одредбите од Законот за градење, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на културно наследство и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење“, велат од Општина Охрид.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира