Пофалница од РЕК доби машинистот Пеце Јанкуловски кој на 12 август придонесе да се спаси од пожар селото Паралово и манастирот „Св.Ѓорги“ каде е гробот на војводата Ѓорги Сугарев, правејќи заштитни појаси со булдожер тежок сто тони.
Пофалницата му ја врачи генераЛниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев на денешното одбележување на Денот на рударите во РЕК „Битола“. Јанкуловски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека пофалницата му е доделена како на најискусен и храбар машинист кој работи во рудникот Брод-Гнеотино при РЕК, а бил вклучен и во гаснењето на пожарите во Битолско.
„Кога влегов во просторијата да ми ја врачат пофалницата, триесетина присутни лица, меѓу кои и раководството на ЕСМ, сите станаа простум да ми аплаудираат. По акцијата за гаснење во Паралово во која бев вклучен, а која била една од многуте во кои сум учествувал при гаснење оган, луѓето ме сретнуваат и ми велат ‘браво, влегуваш очи в очи со огнот’. А јас велам за таа работа треба срце, но и знаење, искуство и да си ја сакаш работата“, вели Јанкуловски, кој веќе 24 години работи во РЕК.
Јанкуловски на 12 август се врати од годишен одмор за да учествува во гаснењето на пожарот во село Паралово. Тој успеа да го пренесе булдожерот тежок сто тони од Грумази до над Паралово три километри по козји пат, на стрмен кос терен за да гасне на местото каде беше најризично. Со голема пожртвуваност, преземајќи и ризични потези, со машината во сопственоста на РЕК, на моменти влегувајќи дури и во самиот оган, тој направи појаси со земјен пат низ шумата со што спречи ширење на огнот.
За неговиот храбар потег, ова е му е прва пофалница.
Во РЕК „Битола“ денес беа доделени пофалници за 22 рудари и 18 вработени во службата за техничка сигурност кои без вклучени и во гаснењето на пожарите во Битолско.
Ж.ЗДРАВКОВСКА