Неделава во два наврати, реката Тополка и воздухот во населбата Превалец побелеле. И жителите на населбата и локалната власт реагираа за загадувањето, кое, според нив, го создава Варницата во Превалец. Овој проблем со месеци е актуелен, но засега нема реакции од надлежните Министерство и инспекторат.
„Лично бев сведок кога во вторникот реката беше бела, како каша. Не знам од што може толку да се замати и дали воопшто во неа има жив свет. Мене ме зачудува податокот кој го добив од надлежните општински служби дека Министерството ја одзело А-интегрираната дозвола за работа на Варницата, со која стопанисува фирмата „Техно павер“ од Скопје, а таа и натаму работи. Зошто надлежните од Министерството за животна средина и инспекторатот ништо не преземаат? Нивното молчење ме загрижува“, кажа градоначалникот на Велес, Коцевски.
Тој додаде дека тие како општина не се надлежни за А-инсталации, туку државата, но прават сѐ фабриката да работи, а да не загадува. Констатира дека деновиве имало и облак со прашина, кој го загадува воздухот во населбите Превалец и Тунел, за што жителите жестоко реагирале.
На трибината за работата на фабриката за вар, која пролетоска се одржа, за првпат во јавноста се огласи нејзин претставник, кој тврдеше дека белиот облак кој се јавува над неа е водена пареа и не е опасност по граѓаните, што ги револтираше присутните. Надлежниот државен инспектор за Велес, пак, изјави дека при негова контрола во фабриката бил физички нападнат од вработен, а директорот му се заканувал, па подоцна контролата на Варницата ја презел колега од друг град.
П. ПЕЧКОВ