Трската од паркот на природата „Езерани“ во следните две години ќе се користи за изработка на брикети, со кои ќе се затоплуваат јавни објекти. Ова е дел од проектот „Помалку отпад 2“, во кој партнери ќе бидат Општина Ресен и јавното претпријатие „Пролетер“ од македонска страна, а од грчка, регионалниот центар за управување со отпад „Дијадима“ и општините Преспа, Флорина и Аминдео. Проектот ќе го финансира ИПА, а македонската страна ќе добие 230.000 евра.
„Проектот, покрај другото, опфаќа изработка на акционен план за управување со органски отпад на територијата на Општина Ресен. Ќе се изработи студија за одржливо користење на трската од паркот на природата ‘Езерани’, каде што Општина Ресен е директен управувач. ЈП ‘Пролетер’ ќе набави 500 контејнери и комплетна опрема за собирање, мелење и транспорт на трската, како и лента за производство на брикети. Оваа опрема е во вредност од 47.000 евра“, вели Крсте Мицалевски, раководител на Одделението за локален економски развој и прекугранична соработка во Ресен.
„Езерани“ е значајно подрачје за развој на птици, каде, според Планот за управување, има појас на трска од 262 хектари. Трската се смета за прочистувач на водата, живеалиште и место за размножување на дивиот жив свет во Езерани. Во изминатите години имаше случаи на потпалување на трската од непознати сторители и се претпоставуваше дека на тој начин се обезбедува поголем простор за пасење на добитокот. Во Планот за управување, кој важи до 2021 година, пишува дека за да се намали еутрофикацијата на водите во Езерани и Преспа, потребно е отстранување на дел од трската.
„Трската е заштитена, но може да се користи со физибилити студија, со одржливо користење, не со косење на големи пространства. Потребни се механизам и модел на одржливо користење, зашто сѐ што е контролирано може и да расте и да се користи“, додава Мицалевски.
Во рамките на проектот ќе се спроведат и обуки на домаќинствата и на школите за примарна селекција на отпад и обуки на земјоделците за менаџирање со отпадот од овоштарниците.
Ж. ЗДРАВКОВСКА