Режисерот Оливер Мицевски обвини дека неговата претстава „Едмонд“ е забранета и тргната од репертоарот на Народниот театар во Битола (НТБ). Оттаму изјавија дека тоа се паушални и невистинити обвинувања, па најавија дека ќе поднесат пријава за клевета.
Претставата „Едмонд“ е работена по текст на американскиот автор Дејвид Мемет, која Мицевски, македонски режисер кој живее во Лондон, ја режираше во Македонија по пауза од 14 години, а премиерно беше изведена од НТБ во јуни 2025. Претставата имаше шест изведби и беше наменета за публика над 18 години поради бруталниот јазик и агресивните сцени. Таа ги отвора прашањата за слободата и животот.
Мицевски на социјалните мрежи обвини дека претставата ја поставил со минимален буџет и откако доживеала голем успех, „некои зли и неспособни сили“ ја тргнале од репертоар.
„По цели 14 години одлучив да направам претстава во Македонија. Министерството додели минимален буџет, со надеж дека нема да успеам. Но, и со буџет најмал од сите во годишната програма на НТБ и со мои донирани илјада евра, успеав да направам фантастична претстава. Клучот на успехот беа вонсерискиот актерски ансамбл на НТБ, Валентин Светозарев (сценографија), Благој Мицевски (костими) и Марјан Нечак (музика). Почнаа да стигнуваат покани за најрелевантните европски фестивали, релевантни театарски дејци збореа колку е добра, шест претстави преполни, бисови, овации. И овие што не ни мислат арно, се најдоа во небрано, што да прават сега кога сите ја воспеваат претставата и доби покана на фестивалот во Единбург. Одлучија да ја тргнат од репертоар, со надеж дека така ќе згасне“, објави Мицевски.
Таа не беше на репертоар во ноември и декември, а сега го известиле дека ја нема и во јануари.
„Некои зли/неспособни сили одлучија дека подобро е да ја нема ‘Едмонд‘ за да не биде премногу видливо колку се никакви повеќето од другите претстави во театрите во Македонија. Токму поради овие ниски и нечесни игри, македонскиот театар е заглавен на дното во Европа“, обвини Мицевски.
Актерот Огнен Дранговски, кој ја игра главната улога во „Едмонд“, под обвинувањата на режисерот на социјалните мрежи изрази надеж дека таа нема да ја доживее судбината на многу претходни квалитетни претстави кои биле уништувани од претходни менаџменти со неставање на репертоар или со непосветување внимание за одржување.
Од Народен театар Битола ги демантираат обвинувањата дека претставата е забранета и тргната од репертоар. Велат дека се работи за репертоарска политика, а темата која ја обработува е потешка и не е за празници.
„Во ноември ги имавме ‘Шекспир фестивалот’ и премиерата на ‘Магбет’ и просто беше невозможно да се игра претставата која има четири кубици песок на сцената. Декември го посветуваме на дечињата, правиме детска претстава, бевме на гостување. Тоа е репертоарска политика на Театарот. Во јануари јас лично како менаџер сметам дека треба да имаме 15 комедии бидејќи се празници. Јануари е месец на семејството и сакам да го посветам на публика која ќе доаѓа и ќе се забавува во Театарот“, рече за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Васко Мавровски.
Покрај „Едмонд“ вели дека има и други претстави со потешки теми како „Галеб“ и „Вујко Вања“ кои не се поставени неколку месеци, што не значи дека се тргнати од репертоар. Сметаат дека ваквите обвинувања го рушат реномето на Битолскиот театар, кое е градено со генерации и години наназад, поради што најавија дека ќе покренат постапка за клевета.
Во 80-годишната историја на Народниот театар во Битола имало две забранети претстави, „Свадбата на Мара“ и проектот „Тито“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



