Цел месец се трупа rидот од земја во центарот на Скопје во близина на ТЦ „Џамбо“, а Општина Центар не реагира. Градежник заради изградба на зграда копа дупка за поставување темели, а целата земја и чакал што се вади ја фрла во соседната парцела. Местото не е заградено и излегува на две улици каде минуваат луѓе и автомобили, па многу лесно може земјата да се свлече и да затрупа пешак или возило.
Но, никој не го санкционира ваквото незаконско однесување. Од Општина Центар на 9 март излегоа на терен, ја казнија фирмата која гради и дадоа налог земјата веднаш да се исчисти. Но, оттогаш помина еден месец, а земјата не само што не е исчистена туку направен е уште поголем куп.
Во близина на место се наоѓа и полициската станица „Пролет“, покрај градилиштето секојдневно поминуваат полициски коли, но и покрај тоа градежникот слободно си копа и се ја фрла земјата во соседниот плац. Исто така, градилиштето одзема и дел од паркингот што го управува Паркинзи Општина Центар (ПОЦ).
А. АНТЕВСКА