Средбата на амбасадорот Џес Бејли со раководството на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид била договорена пред 20-тина дена на иницијатива на американската амбасадa, вели пратеникот Сашо Василески. Тој, откако го испрати Бејли по едночасовната средба, рече дека со амбасадорот имале континуирани контакти и, како што самиот рече, соработка со САД.
Василески тоа го толкува како позитивен импулс за поддршка на Македонија да биде држава која ќе се одликува со демократија по примерот на американската. Амбасадорот Бејли од комитетот на ВМРО-ДПМНЕ замина без да ја коментира посетата, исто како што не сакаше да одговара на политички прашања во комплексот на црквата „Света Богородица Перивлепта“, каде говореше во име на американската амбасада која со грант од 650.000 долари, ја спаси црквата од пропаѓање.
„Немам ново што да изјавам. По сите актуелни политички прашања останувам на ставот што го изнесов изминатите денови“, рече Бејли, кој побара кусо време да размислел, дали да одговара на новинарски прашања.