САЈЛИТЕ ОД ЖИЧНИЦАТА КОН ПОПОВА ШАПКА СЕ ОШТЕТЕНИ И ВИСАТ НАД ПАТОТ, НИКОЈ НЕ ГИ ОДРЖУВА ПОВЕЌЕ ОД 20 ГОДИНИ

    САЈЛИТЕ ОД ЖИЧНИЦАТА КОН ПОПОВА ШАПКА СЕ ОШТЕТЕНИ И ВИСАТ НАД ПАТОТ, НИКОЈ НЕ ГИ ОДРЖУВА ПОВЕЌЕ ОД 20 ГОДИНИКинењето на една ваква сајла може да предизвика голема штета (Фото: СДК.МК)

    Сајлите од жичницата која од Тетово оди за Попова Шапка на неколку места се оштетени и надвиснати над самиот пат. Опасноста сајлата да се скине или да биде зафатена од некое возило, од ден на ден е сѐ поголема. Тетовецот Надир Мурсели вели дека мора брзо да се интервенира, бидејќи кинењето на една ваква сајла може да предизвика голема штета.

    „Жичницата е градена во периодот 1962-1965, што значи дека има веќе 60 години. Сајлата е обложена со челични влакна и обвивката на повеќе места е оштетена. Сајлата на некои места поминува и над објекти, па останува прашањето што сѐ може да се случи ако се скине. Друг недостаток на сајлата е што таа на некои места се спушта над патот што води кон Попова Шапка. Доколку се спушти до самиот пат, возилата нема да можат да поминуваат. Сајлите имаат животен век и на жичниците во светот се менуваат на секои 10-15 години. Оваа сајла е надвор од употреба повеќе од 20 години и воопшто не е одржувана“, вели Мурсели.

    Со трансформацијата на зимскиот туристички центар Попова Шапка, жичницата дојде под надлежност на „ЕЛЕМ Турс“, подружница на ЕСМ. Оттаму велат дека ја знаат состојбата со сајлата и планираат во наредниот период да преземат соодветни активности.

    „Реално, сајлата треба да се отстрани и работиме на тоа. Баравме уште еднаш да се направи увид од страна на техничката инспекција, па ќе контактираме со професорите од Машински факултет кои прават испитување и на другите жичници на Попова Шапка за да ни дадат некоја конкретна насока што да преземеме. Тоа е стара и многу голема сајла и треба да се преземат соодветни чекори за да се отстрани. Јас не можам да кажам кога конкретно ќе биде тоа“, изјави Адем Авзиу, управител на „ЕЛЕМ Турс“.

    Вкупната должина на жичницата Тетово-Попова Шапка е 6,5 километри. Кога беше во функција, до Попова Шапка се патуваше 40 минути, а капацитетот беше 400 луѓе на час. Долго време таа го носеше приматот на најдолга гондолна жичница на Балканот. Во времето кога беше изградена, таа беше единственото превозно средство до Попова Шапка, зашто патот е изграден покасно.

    Таа одигра огромна улога во развојот на Попова Шапка како скијачки и туристички центар, но престана да функционира за време на конфликтот во 2001, кога сајлите на неколку места беа оштетени. Нејзината обнова потоа стана финансиски неисплатлива, па во изминатите дваесетина години никој не се грижи за неа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира