САКАМЕ УЛИЦА ЗА ЖИВЕЕЊЕ, А НЕ ЗА ДИВЕЕЊЕ, ПРОТЕСТ НА ЖИТЕЛИ НА СКОПСКАТА ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, ГРАДОТ ВЕЌЕ ПОСТАВУВА СЕМАФОРИ

    САКАМЕ УЛИЦА ЗА ЖИВЕЕЊЕ, А НЕ ЗА ДИВЕЕЊЕ, ПРОТЕСТ НА ЖИТЕЛИ НА СКОПСКАТА ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, ГРАДОТ ВЕЌЕ ПОСТАВУВА СЕМАФОРИГраѓани од населбата со велосипедско дефиле испратија барања до Град Скопје и Општина Ѓорче Петров, да се изработи целосно нов сообраќаен проект за улицата, во кој ќе се земе во предвид безбедност на граѓаните (Фото:СДК.МК)

    Граѓани на општина Ѓорче Петров утринава протестираа поради небезбедност за пешаците на улица и во исто време Градот Скопје почна со поставување на семафори и лежечки полицајци.

    Станува збор за улицата Борис Сарафов, поранешна 4 Јули во населбата Ѓорче Петров. Граѓаните што денеска протестираа со велосипедско дефиле велат дека таа е небезбедна, по неа се вози како на автопат, нема велосипедски, па дури ни пешачки патеки. Жителите се принудени да одат по сообраќајните ленти, велосипедистите да возат заедно со колите. На улицата, на која се наоѓаат две основни училишта нема семафори, ниту сообраќајни знаци.

    Откако на социјалните мрежи граѓаните го најавија велосипедското дефиле и протестот, екипите на ЈП„Улици и патишта“ по налог на Град Скопје уште рано утрово почнаа со поставување на семафор пред училиштето Мирче Ацев – (Фото: А. Антевска)

    Тие под мотото „Улицата е за живеење, не за дивеење“, испратија барања до Град Скопје и Општина Ѓорче Петров, да се изработи целосно нов сообраќаен проект за улицата, во кој ќе се земе во предвид безбедноста на граѓаните.

    „Откако Град Скопје ја прошири улицата и доби по две сообраќајни ленти во двата правци, нема никакви услови за нормално живеење. Тротоари нема по целата должина, онаму пак каде има се многу тесни и блокирани од возила. Се вози со многу голема брзина, а исто така ја користат и товарни возила кои се движат кон Тетово.Сообраќајна полиција да ги казнува граѓаните кои дивеат, нема. Децата буквално не можат да излезат на улица, а камоли да возат велосипеди. Едно од основните училишта кое се наоѓа на самата улица нема ни тротоар пред него, од улицата се влегува во училиште“, велат граѓаните кои денеска симболично возеа велосипеди и цртаа на улицата пешачки патеки со детски стапала.

    Откако на социјалните мрежи граѓаните го најавија велосипедското дефиле и протестот, екипите на ЈП„Улици и патишта“ по налог на Град Скопје уште рано утрово почнаа со поставување на семафор пред училиштето Мирче Ацев, лежечки полицајци долж улицата Борис Сарафов и сообраќајни знаци за максимална брзина на возење од 30 километри на час.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира