Спортската сала „Градски парк“ во Скопје во иднина ќе го носи името на легендата на македонската кошарка Лазар Лечиќ, објави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Салата, која е во фаза на обемно реновирање, е дом на кошаркарскиот клуб Работнички, во кој Лечиќ помина значаен дел од кариерата, особено тренерската.
Роден во Скопје во 1939, Лечиќ ја почнал играчката кариера во 1957 во Работнички, но по само неколку години преминал во тренери и во тоа улога извршил големо влијание врз развојот и подемот на кошарката на овие простори. Како тренер водел десетина клубови во Македонија и поранешна Југославија, како Работнички, Борац Чачак, Олимпија Љубљана, Војводина, МЗТ Скопје, но и грчки Арис.
Под негово водство, Работнички во 1975 година стигна до полуфиналето на европскиот Сапорта куп.
Од 1990 до 1992 беше тренер на Арис од Солун, со кој беше шампион на Грција. Тренерската кариера ја заврши во 2000 на клупата на Никол ферт од Гостивар. Лечиќ беше дел и од југословенската репрезентација, при што како помошник на селекторот Жеравица го освои златото на Светското првенство во 1970.
Лазар Лечиќ почина на 17 август 2024 на 85-годишна возраст.
Покрај промената на името, Герасимовски најави уште една новина во салата: кошаркарските ветерани ќе имаат своја ложа. Тој кажа дека реконструкцијата се одвива со забрзано темпо. Втората фаза на градежните активности предвидува обнова и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според стандардите на ФИБА, обновување на гледалиштето, соблекувалните и туш кабините и поставување на климатизација и подно греење.
Г. КОНЕВ