САМО 6 ПРОЦЕНТИ ОД СЛЕПИТЕ ВО ЗЕМЈАВА ГО ЗНААТ БРАЈОВОТО ПИСМО, ЗАТОА БИТОЛСКИОТ ЗАВОД И МУЗЕЈ ИМА НОВА ИЗЛОЖБА НА ТАКТИЛНИ СЛИКИ КОИ ЗБОРУВААТ

    САМО 6 ПРОЦЕНТИ ОД СЛЕПИТЕ ВО ЗЕМЈАВА ГО ЗНААТ БРАЈОВОТО ПИСМО, ЗАТОА БИТОЛСКИОТ ЗАВОД И МУЗЕЈ ИМА НОВА ИЗЛОЖБА НА ТАКТИЛНИ СЛИКИ КОИ ЗБОРУВААТВо Музејот во Битола се изложени 16 нови тактилни слики кои, покрај Брајовото писмо, се придружени со аудиоприказни и видеа на знаковен јазик. (Фото: СДК.МК)

    „Во Музејот во Битола се чувствувам како дома зашто често сум тука. Најголем впечаток ми оставија тактилните слики кои можат да се допрат и да се чујат“, рече 12- годишната Барбара Василевска која има оштетен вид, прогласувајќи ја за отворена изложбата „Музеј за сите – сликите можат да се допрат и да зборуваат“. На изложбата беа промовирани 16 нови тактилни слики кои, покрај Брајовото писмо, се придружени со аудиоприказни и видеа на знаковен јазик за артефакти со кои располага Заводот и музеј Битола. Сликите содржат и НФЦ тагови кои кога ќе се скенираат со мобилен телефон се добива аудиоматеријал за делото, а се прикажува и видео на знаковен јазик.

    „Да се заблагодарам за пристапноста што ни ја овозможивте ова културно наследство да стигне до нас и за работилниците во кои активно бевме вклучени“, рече Филип Наумоски, ученик од Центарот за деца со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ од Битола. Тој со соучениците подарија цртеж со музејската зграда и симболот на знаковниот јазик.

    Новата изложба е дело на тимот Ирена Ружин и Јове Парговски, кои повеќе години преку тактилни слики и примена на модерни технологии се обидуваат битолскиот Музеј да го направат што подостапен за лицата со попречености.

    „Голем проблем на светско ниво е непознавањето на Брајовото писмо. На светско ниво само 5 проценти од слепите лица знаат да го читаат, а во Македонија тој процент е 6. Без опис, тактилната слика е бескорисна. Преку НФЦ тагови постигнуваме можност секој да ја разбере. Треба да имаат паметен телефон, се кориси НФЦ технологија која е јавно достапна, тоа е онаа што ја имаме на кредитните картички за бесконтактно плаќање, со самото скенирање на тагот добиваат аудио опис за соодветниот предмет и видео на знаковен јазик“, рече Парговски.

    Со скенирање на НФЦ тагот од макетата за Хераклеја можат преку допир, но и со аудиоснимка или видео на знаковен јзаик да го прошетаат целиот локалитет. Ружин рече нејзината посветеност да се отвори Музејот за сите, не се должи на обуки и семинари, туку нејзините постојани контакти со лицата со попреченост.

    „Во Заводот има преку сто предмети достапни за лица со попречености. Нашата девиза е музејот да биде 24 часа достапен за сите. Аудиоприказните не ги слушаат само луѓето со проблеми со видот. Видеата на знаковен јазик се монтирани зедно со аудиоприказните и со текст. Според статистиката на веб страната и јутјуб каналот на Заводот, гледаме дека имаме голема посетеност, не само во Музејот, туку и во виртуелниот свет“, рече Ружин.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира