Во Велес има 177 потенцијални поголеми потрошувачи на гас, меѓу нив и јавни претпријатија и институции, покажала анализата на ЈП „Велес-гас“ во годишниот извештај за неговото работење. До сите нив бил доставен прашалник дали се заинтересирани за користење на природен гас, а само 42 дале одговор.
„Имавме проблем, бидејќи повеќето од фирмите се мали, немаат стручни лица кои ќе ги пополнат формуларите и не се обучени да дадат квалификувани одговори. Кога гасификацијата ќе стане реалност, ќе се смени и перцепцијата за неа и ќе има голем интерес за негово користење, бидејќи ќе имаат сериозна финансиска добивка“, кажа градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Теренска анкета, пресметка на просечна потрошувачка по површина и позиционирање на поголемите потрошувачи треба да дадат одговор колкаво количество природен гас ќе му треба на градот, за да може да се планира соодветна гасификациона мрежа. Овие податоци ќе ја дефинираат мерната регулациона станица за градот Велес. Досега е утврдена трасата на гасоводот во еден дел, и тоа од бензинската пумпа на „Макпетрол“ на автопатот, низ населбата Речани до влезот во Башино Село.
„За да не губиме време, се одлучивме да изградиме времена декомпресивна станица. Таа ќе биде лоцирана во индустриската зона Речани близу некогашниот ладилник на ‘Лозар‘, а кога ќе пристигне гасоводот, ќе ја преселиме на друга локација, согласно потребите. Во наредниот период ќе треба да се донесе одлука дали гасоводот ќе се гради со сопствени средства или преку јавно-приватно партнерство. Цевководот ќе биде Ф-350“, додаде Коцевски.
П. ПЕЧКОВ