САМО ЕДЕН ПРОЦЕНТ ОД ОТПАДОТ КАЈ НАС СЕ РЕЦИКЛИРА, ТРЕБА ДА ГИ МЕНУВАМЕ НАВИКИТЕ, ВЕЛАТ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО „ГОУ ГРИН“

    САМО ЕДЕН ПРОЦЕНТ ОД ОТПАДОТ КАЈ НАС СЕ РЕЦИКЛИРА, ТРЕБА ДА ГИ МЕНУВАМЕ НАВИКИТЕ, ВЕЛАТ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО „ГОУ ГРИН“Најголем проблем во управувањето со отпад е што кај нас нема фукнционална примарна или секундарна селекција. (Фото: СДК.МК)

    Со усогласување на нашите закони со европските ќе се поттикне одржлив систем за управување со отпадот, а оттаму и заштита на животната средина. Новите закони ќе донесат нови правила, а со тоа и помалку отпад, велат од Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина, „Гоу Грин“.

    Во септември оваа година, Македонија ги транспонираше европските директиви за отпад и законски одредби на Европската Унија (ЕУ) и ги донесе шестте пакет-закони во делот на управување со отпад. Овие закони се донесоа за да се подигне свеста за намалувањето на отпадот, стратегиите за повторна употреба и рециклирање како и други слични политики на ЕУ.

    Од „Гоу Грин“ велат дека хиерархијата за управување со отпад е заедничка за секоја земја. Најголем приоритет се дава на спречувањето или намалувањето на отпад со реупотреба, рециклирање и користење на отпадот како гориво, а депонирање е најнепосакувана опција за справување со отпад.

    „Доколку почнеме да делуваме уште на почетокот на создавање на отпадот, директно влијаеме на количините со кои подоцна треба да се справуваме. Да тргнеме од себе, ако секој од нас почне да внимава што купува, потеклото, амбалажата, составот на производите и притоа свесно одбира што ќе купи, како потрошувачи влијаеме на продажбата, со што ќе ги мотивираме компаниите да наоѓаат еко решенија за пакувањето на нивните производи“, вели Борче Кузмановски, програмски координатор во „Гоу Грин“.

    Кузманоски додава дека кај нас најголем проблем е тоа што управувањето со отпад нема фукнционална примарна или секундарна селекција.

    „Доколку создадениот отпад заврши во контејнерот за комунален отпад, тој ќе заврши и во депонија. Собран селектиран пластичен отпад изнесува 1.4 проценти од вкупниот собран отпад и тоа е резултат на преземени дејствија на колективните постапувачи и неформалните собирачи. Кога би се намалил отпадот уште на самиот почеток, односно кај неговиот извор, ќе се создава помалку отпад што ги намалува трошоците за негово собирање, транспорт, преработка и слично“, вели Кузмановски.

    Со забраната за употреба на пластични ќеси од 1 декември веќе нема да се произведуваат, а биоразградливте ќе се наплаќаат по 15 денари.

    „Дефинитивно ова е момент за да ги смениме нашите навики и се освестиме за тоа колку отпад создаваме“ велат од Гоу Грин.

    Минатата недела на одбележувањето на Европската недела за намалување на отпад беше потенцирано дека во земјава само 1 отсто од собраниот отпад се рециклира, останатиот завршува на депонија. Од „Гоу Грин“ велат дека за повисок процент на рециклирање потребен е функционален систем на примарна или секундарна селекција.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира