Само една од 800 згради кои се наоѓаат на територија на општина Карпош ги исполнува сите законски прописи за безбедност, кажа денеска на прес-конференција градоначалникот на Општина Карпош Стевче Јакимовски по направените вонредни контроли. Како што кажа Јакимовски во Карпош има 820 згради и 1.500 влезови. Инспекциските контроли уследија по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март со 59 жртви од кои 6 деца, и 197 повредени од кои 25 деца.
„Од контролата што е направена од нашите инспекциски служби, само една зграда е исправна и тоа е зградата на Адора. Значи само една зграда во Карпош е таква каква што треба, како што бара законот. За жал не можеме истото да го кажеме за другите згради. Нашите служби после контролите се јавуваат директно во Дирекцијата за заштита и спасување, праќаат меилови, но нив ги нема нигде. Дали се отселени на друга планета, или што се случува со нив. Ние треба да работиме во координација, за евентуално инструкции да добиеме од нив во оваа работа, но за жал тоа го работиме сами, иако најодговорен за оваа работа е ДЗС, вели Јакимовски.
Покрај згради Општината извршила контроли и во кафулиња, рестораните, диско клубовите и ноќните клубови. Изречени е 21 казна на локали кои воопшто не отпочнале постапка за обновување на дозвола, една казна е напишана за неисполнување на еколошките стандарди, а како што рече Јакимовски два ноќни клубови одбиваат соработка со инспекторите, при што едниот се заканувал дека тој бил закон.
„Од 115 проверени сите имаат ПП апарати, во 60 летните тераси се во ред, пишана е 21 казна бидејќи воопшто не ја отпочнале постапката за обновување на дозволата и остатокот се во постапка за добивање на согласност во Град Скопје. Овде морам да кажам дека со новиот Закон за локална самоуправа треба да се прекине со тоа двојство. Значи на територија на општина Карпош ако издаваме одобренија за градби, треба да издаваме и одобренија за овие тераси. Морам да кажам дека два ноќни клубови не соработуваат со инспекторите. Тоа се клубовите ‘Пјур‘ и ‘Мош‘. Дури за едниот клуб, колегата има поведено постапка како дивоградба пред неколку месеци и кога го посетил сопственикот го прашал зошто доаѓа. Тој му одговорил затоа што законот така бара, по што газдата му рекол дека и тој бил закон. Јас одговорно тврдам дека овие сопственици на ноќни клубови се сива еминенција во средините каде што живеат и си дозволуваат малку повеќе од тоа што треба. Значи и покрај тоа што одбиваат соработка, ние ќе ја тераме постапката до крај и како што бара законот односно отстранување на нивните објекти“, додаде Јакимовски.
А. АНТЕВСКА