Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија Михалис Рокас денеска во Општина Тетово имаше средба со градоначалникот Билал Касами. По завршувањето на средбата, амбасадорот Рокас одговарајќи на новинарски прашања се осврна на важноста на независното судство во справувањето со корупцијата и за ставањето на Артан Груби и судијата Енвер Беџети на „црната листа“ на САД.
Груби и Беџети јавно се означуваат за нивната вклученост во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, соопшти на 9 декември Стејт департментот.
„Мислам дека Јавното Обвинителство секогаш треба да ја има можноста во еден независен судски систем да може да ги направи сите пребарувања во случај да има наводи за присуство на можна корупција во некоја институција, и за тоа треба да му се стават на располагање сите механизми, сè со цел да може да изврши истрага во наводи за можна корупција. Што донесува до нас, ние сме го прибележале самото ставање на ‘црната листа’ на господинот Груби и судијата Беџети, а тоа што е важно е дека судството треба да ги преземе сите активности, не само во врска со овој посебен случај, туку и сите други видови корупција кои се присутни во самиот систем, а сѐ со цел да може да се осигура дека судството ќе биде независно и ќе може да преземе дејствија за да се справи со прашањата на корупцијата“, изјави Рокас.
На средбата со градоначалникот Касами било разговарано за продлабочување на соработката помеѓу ЕУ и Општина Тетово, а досегашната соработка е оценета како мошне успешна. Се разговарало и за идните проекти, од кои најважен е доизградбата на пречистителната станица за отпадни води, проект вреден околу 50 милиони евра финансиран од ЕУ. Во рамките на посетата на Општина Тетово амбасадорот Рокас, во придружба на Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ќе ја претстават Програмата за дигитална Европа (ДИГИТАЛ), а Рокас ќе присуствува и на отворањето на „Центар – Акцелератор 7оо“, финансиран од ЕУ.
З. АНДОНОВ