Прилепчанката Славица Кондоска има 48 години, а полни 18 години е неподвижна, врзана за креветот и зависна од вниманието на најблиските. Додека бил жив сопругот, грижата за нејзините деца била во негови раце. По неговата смрт, веќе 13 години ѝ помагаат најблиските роднини, но животот е претежок. Синот Христијан наполни 26 години, а ќерката Стефанија е матурант, двајцата се електротехничари. Но, работа немаат, а не се ни надеваат дека ќе најдат. Живеат со минимални 8.000 денари, пари кои што преку Меѓуопштинскиот центар за социјална работа ги добива мајката на име постојана парична помош и надоместок за нега од друго лице.
Ова семејство со години живее во една соба во куќата од таткото на Славица, во крајно тешки услови. Со надеж дека ќе го решат барем станбеното прашање, како што велат нејзините најблиски, ги поднеле документите за социјален стан во населбата Точила, на конкурсот што беше објавен годинава.
„Сестра ми требаше да добие стан во многу категории, како социјално загрозено семејство, како самохрана мајка, како инвалидизирано лице. Таа е неподвижна од раѓањето на внука ми. Тажен и трагичен е нејзиниот живот, не може да ни каже што сака да јаде, дали е болна, дали ѝ треба помош, ја носиме до тоалет едвај…Живот ли е тоа? Таа беше на прелиминарната листа корисници на социјални станови, но потоа кога беше објавена конечната листа, беше избришано нејзиното име“, вели братот Гоце Ангелески.
Синот на Славица, Христијан тврди дека од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, никој не ги посетил. Ниту претставници на комисијата за доделување станови.
„Што ако реагиравме, кога нашите реакции никој не ги зема во вид. Ние сме обични луѓе, немоќни да сменат нешто во општеството. Поднесовме сега жалба до Врховен суд, но кога ќе има одговор, кој знае“, вели разочаран Христијан.
Во меѓувреме, од мрачната соба со мувла во старата таткова куќа, децата ја преселила мајката и се вселиле во стан, што треба да го одржуваат, времено.
„Сега не плаќаме кирија, ја одржуваме оваа соба, додека има можност за тоа. Ние немаме покуќнина, немаме ништо, немаме ни пари да купиме, зашто немам работа. Одев барав, молев, прашував, но никако да дојдам до сигурно работно место, да имам редовна плата и платени придонеси за да може да обезбедам сигурна егзитенција за мајка ми и сестра ми, за сите нас“, додава Христијан.
Ова е само едно од социјално загрозените семејства во Прилеп, кои се чувствуваат крајно обесправени, затоа што не добија стан во двата станбени објекта со 76 станови изградени во населбата Точила. Реагираат и многу други семејства, но Министерството за транспорт и врски, во чија надлежност е распределбата на становите, не одговори на нашите прашања доставени во повеќе наврати.
Многу семејства од Прилеп, кои аплицираа за социјалните станови обвинија за распределба по партиски и пријателски клуч, а реакции стигнаа и од самохрани мајки членки на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, становите се доделени на семејства кои се многу подобро социјално згрижени.