САШО МИЈАЛКОВ СЕ ПОЈАВИ НА ОСВЕТУВАЊЕТО НА ЦРКВАТА „СВЕТИ ДИМИТРИЈ“ ВО ШТИПСКО НОВО СЕЛО, КТИТОР Е ЗАЕДНО СО БРАТ МУ ВЛАТКО

    САШО МИЈАЛКОВ СЕ ПОЈАВИ НА ОСВЕТУВАЊЕТО НА ЦРКВАТА „СВЕТИ ДИМИТРИЈ“ ВО ШТИПСКО НОВО СЕЛО, КТИТОР Е ЗАЕДНО СО БРАТ МУ ВЛАТКОЦрквата почна да се гради пред 12 години под ктиторство на браќата Мијалкови, чија семејна куќа се наоѓа во непосредна близина. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот директор на УБК (сега АНБ) Сашо Мијалков присуствуваше на осветувањето на новата црква „Св. Димитриј“, која што се наоѓа веднаш до новата зграда на Музејот на револуционерната борба во Штипско Ново село.

    Ова е прво појавување во јавност на ексдиректорот на УБК, откако во мај излезе предвреме од затворот во Струга, каде што ја отслужуваше казната за случајот „Империја“. Тој беше обвинет и во неколку други случаи на поранешното СЈО, но дел му застареа, а беше и ослободен во случаите „Тортура“ и „Трезор“.

    На денешното осветување на црквата „Св. Димитриј“, кое што беше извршено од страна на Поглаварот на МПЦ, Г.Г. Стефан, тој присуствуваше заедно со брат му Влатко, поранешен директор на Царинската управа. Браќата Мијалкови се ктитори на црквата.

    За време на изградбата, до објектот беше поставена табла на која пишуваше дека инвеститори се семејствата Камчеви и Мијалкови. (Фото: СДК.МК)

    Црквата „Св. Димитриј“ располага со богат фрескоживопис и голем број икони на светецот и останатите светци, а почна да се гради пред 12 години под ктиторство на браќата Мијалкови, чија семејна куќа се наоѓа во непосредна близина на овој црковен објект. Во темелите на црквата тогаш се стави и посвета на која што фигурира и името на бизнисменот Орце Камчев, кој исто така учествуваше во поставувањето на камен темелникот во август 2012 година, а цело време на изградбата до објектот беше поставена табла на која пишуваше дека инвеститори се семејствата Камчеви и Мијалкови.

    Новата црква „Св. Димитриј“, посветена на прочуениот македонски светец, Димитрија Солунски од 4. век, е дел од планот на споменици на културата заштитени со закон и, како што велат од Општина Штип, за обновување на сите стари, а позначајни историски објекти и дел од програмата за реставрација на старите куќи на жителите од оваа историска населба.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира