Јамболии, градежен шут, измет и друго ѓубре беше извадено од помошните објекти околу Офицерскиот дом во Битола при денешната еко акција на независната граѓанска иницијатива „Поинаку“. Вклучувајќи се кон Светскиот ден на чистењето и одбележувајќи една година од основањето, од „Поинаку“ денес одлучија да го исчистат објектот кој пред дваесетина години беше кујна од ресторанот во Офицерскиот дом. Овој помошен објект во дворот на Офицерски со години е запуштен, а несовесни граѓани го претворија во депонија.
„Да покажеме со пример дека можеме да направиме нешто корисно за нас и за нашите деца, да дадеме пример како може да се заштити животната околина. Го одбравме центарот на градот, односно Офицерскиот дом и сметаме дека е срамота во центарот на градот да имаме ваква депонија. Ова покажува колку ни е гајле за Офицерскиот дом, кажано по битолски. Се надевавме дека досега ќе видиме барем заштитни огради на Офицерски и да нема вакви депонии“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.
Вчера и Општина Битола, советници, јавните претпријатија и месното население го одбележаа Светскиот ден на чистењето со расчистување на диви депонии кај населбата Баир и во село Брусник.
„Апелирам до битолчани да не го носат и фрлаат ѓубрето кај ободниот канал во населбата Баир оти тука живеат семејства и играат нашите деца“, рече Самедин Канановски од Здружението на Ромите, учесник во акцијата.
Директорот на Комуналец Панде Богоевски вели дека тие имаат служба која од дома го подига гломазниот отпад, но често се случува луѓето да го фрлат во природа, наместо да се јават во претпријатието.
Ж. ЗДРАВКОВСКА