СЕ ГРАДИ БЕДЕМ ВИСОК 15 МЕТРИ ЗА ВЕТЕРОТ ДА НЕ ДИГА ПРАШИНА ОД ОДЛАГАЛИШТЕТО ЗА ПЕПЕЛ ВО РЕК БИТОЛА

    СЕ ГРАДИ БЕДЕМ ВИСОК 15 МЕТРИ ЗА ВЕТЕРОТ ДА НЕ ДИГА ПРАШИНА ОД ОДЛАГАЛИШТЕТО ЗА ПЕПЕЛ ВО РЕК БИТОЛАПрашината што граѓаните ја гледаат одвреме-навреме кога ќе има ветер, се должи пред сè на самото одлагање на пепелта зашто никој не може во моментот на одлагање веднаш да изврши покривање на пепелта, велат од РЕК Битола. (Фото: СДК.МК)

    Бедем висок 15 метри се гради на одлагалиштето за пепел во РЕК Битола со цел да се намали влијанието на ветровите и да не се разнесува прашина во околината. Бедемот ќе биде долг 1.500 метри и ќе има форма на трапез, а внатре ќе се одлага пепелта. За негова градба ќе се искористат 690.000 метри кубни земја која се добива од ископот во рудниците. Досега таа се одлагаше на стари одлагалишта, а сега се користи за изградба на бедемот. Се планира до Нова година да биде завршен.

    „Најмногу е направено во делот на отпепелувањето. Таму е при крај изградбата на бедемот со што значително ќе се намали влијанието на ветровите и распрскувањето на прашината. Се работи за земјен бедем со кој се заградува една голема површина и пепелта ќе се одлага внатре во неа и на тој начин пристапот на атмосферските влијанија, пред сѐ на ветровите нема да биде така ефективен како што е денес“, рече Златко Ќурчивски, новиот генерален директор на РЕК „Битола“.

    Тој појасни дека прашината што граѓаните ја гледаат одвреме-навреме кога ќе има ветер, се должи пред сè на самото одлагање на пепелта зашто никој не може во моментот на одлагање веднаш да изврши покривање на пепелта.

    „Пепелта мора да легне одреден период, па да се покрие со земја. Кога ќе дувне ветер тој не прашува во која насока ќе дува. Од тие причини се јавува прашина. Но, ве убедувам дека тоа е сведено на минимум во однос на ситуацијата од пред три-четири години. Интензивно се работи на покривање на пепелта, од 30.000 метри квадратни пепел непокриени со земја, ние ги сведовме тие количини на 5.000 метри квадратни. Засадивме илјадници садници и таа акција ќе продолжи“, додаде Ќурчиевски.

    Но, за да се намали загадувањето со ПМ честички ќе треба да се направи реконструкција на електростатските филтри на блоковите. Постапка е во втора фаза, избрани се три економски оператори, а во многу скоро време ќе се знае кој од нив ќе биде изведувачот. Филтрите ќе се реконструираат по еден годишно од 2020 до 2022 година со што минимално количество на испуштени ПМ честички во воздухот ќе се сведе на 20 милиграми на метар кубен, што е пониско дури и од лимитот во европската регулатива. А интегрирана дозвола РЕК ќе добие најдоцна до 2026 година.

    Денес во РЕК се изврши примопредавање на раководните функции, Васко Ковачевски кој заминува за генерален директор во ЕСМ директорското место во РЕК му го препушти на Златко Ќурчиев. Ковачевски за 15 август најави големи промени во менаџерскиот тим на АД ЕСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира