СЕ ИЗЛЕА РЕКАТА СТРУМИЦА, ПОПЛАВЕН СПОРТСКИОТ КОМПЛЕКС „ХОРИЗОНТ ТУРНОВО“

    СЕ ИЗЛЕА РЕКАТА СТРУМИЦА, ПОПЛАВЕН СПОРТСКИОТ КОМПЛЕКС „ХОРИЗОНТ ТУРНОВО“Под вода е стадионот со сите попратни простории, но и балонот, спортската сала заедно со угостителскиот објект. (Фото: СДК.МК)

    Спортскиот комплекс „Хоризонт Турново“ повторно е под вода, откако вчера попладне надојдената река Струмица го проби речното корито и поплави десетици хектари во атарот на населените места меѓу Босилово и Турново. Под вода е стадионот со сите попратни простории, но и балонот, спортската сала заедно со угостителскиот објект. Томислав Тимовски, кој е вработен во ФК „Хоризонт Турново“, вели дека материјалната штета е над 50 илјади евра.

    „Целиот проблем со поплавите во подрачјето доаѓа од реката Струмица која пробива на излезот од Босилово и нон-стоп нè поплавува. Институциите треба да преземат нешто за да се реши проблемот. Не е првпат да сме под вода, веќе четири пати како санираме штети од надојдени води“, вели Тимовски.

    Под вода се и околните објекти на влезот во Турново. Градоначалникот на Босилово Ристо Манчев вели дека нивна механизација, но и екипи на повеќе институции се излезени на терен и работат на санирање на штетите. Паралелно ги чистат и критичните точки за да има слободен тек на надојдените води.

    „Освен Струмица се излеа и река Јазга која е на потегот меѓу населните места Радово и Турново. Поплавени се неколку објекти и дваесетина куќи. Наши екипи се на терен. Моментално имаме намалување на водостојот на реките, но будно ја следиме состојбата. Проблемот е што има огромни количини вода, а одделни позиции од речните корита не се исчистени“, кажа Манчев.

    Штети од обилните дождови има и во Општина Ново Село, каде надојдените водотеци од планината Беласица поплавија повеќе семејни дворови во населените места Мокрино и Мокриево, а направија штети и на патниот правец кон Смоларе.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира