Дупка со длабочина од 5-6 метри се отвори во дворот на семејството Азировиќ во населбата Багрем Бања, во Куманово. Дупката е со пречник од 50-60 сантиметри, која надолу се шири до 150 сантиметри и води во скривница, која се наоѓа под друга куќа во соседството.
Членовите на семејството Азировиќ се плашат дека земјата ќе продолжи да тоне и може да им пропадне куќата, па ноќеска не спиеле дома.
„Вчера попладне го чистевме дворот и наидовме на дупката. Не сме виделе кога се создала, но кога се приближивме видовме дека се работи за голем отвор кој води длабоко во земјата. Го викнавме соседот и пријавивме во полиција. Дојдоа синоќа околу 21 часот и рекоа дека најверојатно се работи за скривница останата од времето на поранешната држава. Се гледа дека човек ја правел не е настаната од природата. Ни беше страв ноќеска да останеме дома“, – вели сопственикот Савер Азировиќ.
Семејството вели дека го имаат земјиштето од 1993 година и не знаеле дека под него се наоѓа скривница.
Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК), откако извршиле увид констатирале дека се работи за подземни скривници најверојатно од бившата ЈНА со два непознати крака кои водат кон железничката пруга во населба „Перо Чичо“.
„На самото место направени се мерења и сликање на отворот и констатирано е дека земјиштето има интенции за поголеми одронување во пречник од околу 4 до 5 метри. Договорено е во понеделник во 10 часот Општинскиот штаб да закаже итна вонредна седница и да се донесат конкретни заклучоци за да се преземат соодветни мерки за понатамошна активност во врска со настанатата состојба за спречување и отстранување на потенцијалната опасност, – соопштуваат од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
Иако од ЈП „Водовод“ било побарано да се огради местото и да се забрани движење на тој потег, дупката денеска не беше заштитена, а љубопитни граѓани доаѓаат да видат што се случува.
С. НИКОЛИЌ