СЕ РЕКОНСТРУИРА ПАТОТ КУМАНОВО-СВЕТИ НИКОЛЕ, ПРОЕКТОТ ЧИНИ 2,9 МИЛИОНИ ЕВРА

    СЕ РЕКОНСТРУИРА ПАТОТ КУМАНОВО-СВЕТИ НИКОЛЕ, ПРОЕКТОТ ЧИНИ 2,9 МИЛИОНИ ЕВРАРеконструкцијата започна во јуни и досега целосно се завршени 10 километри, на 15 километри е заменет прв слој на асфалтот. (Фото: СДК.МК)

    Се реконструира регионалниот пат Куманово-Свети Николе во должина од 42 километри. Овој патен правец е единствената врска на Куманово кон источниот дел на земјата и се наоѓаше во катастрофална состојба. Вредноста на проектот е 2,9 милиони евра, обезбедени преку Европската банка за обнова и развој.

    „Кога прашав кога последен пат овој пат е чепнат ми беше речено од времето на Тито. Значи 50 години никој овие патишта не ги погледнал. И друг пат имам кажано не е лошо да се градат нови патишта, но тоа не значи дека треба да ги заборавиме старите патишта да ги оставиме на забот на времето“, изјави Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, кој заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, извршија увид во активностите на лице место во селото Орашац.

    Реконструкцијата започна во јуни и досега целосно се завршени 10 километри, на 15 километри е заменет прв слој на асфалтот и од следната недела отпочнува со целосно поставување на вториот слој и на останатите 32 километри.

    „Иако рокот на реконструкцијата е планирано до пролет изведувачите ни рекоа дека ќе се потрудат оваа градежна сезона сите 42 километри да ги завршат, информираат надлежните.

    Во Североисточниот регион со реконструкција се опфатени повеќе регионални патишта во должина од 120 километри, од кои дел се завршени или се работа како што се делниците Куманово-Опае, Пелинце-Старо Нагоричане, Куманово-Никуштак, а во наредниот период ќе се отпочне со работа на меѓународниот пат Крива Паланка-Ранковце, Страцин-Ранковце, Куманово-Страцин.

    Министерот Сугаревски рече дека во моментот во целата држава се работи на 550 километри патна мрежа, а во Куманово се инвестираат околу 60 милиони евра, на дел во патната и дел во комуналната инфраструктура.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари