Двајца давеници беа извадени од водите на реката Липковка, а уште на дваесетина лица, меѓу кои и бремени жени им беше пружена медицинска помош, на брегот на реката по нејзиното ненадејно надоаѓање, што предизвика големи поплави. При вадењето на давениците, покрај нуркачите со чамец учествуваа и пожарникарите, а повредените со возила на Брза помош беа пренесени во Кумановската болница.
Ова беше теренска симулативна вежба – поплава со повредени, давеници и повредени бремени жени, во организација на Општина Куманово и Регионален центар за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерство за здравство, МВР, ТППЕ Куманово, Светска здравствена организација и Фонд за население на Обединети Нации, која се одржа во Куманово од 12 до 13.30 часот.
На вежбата присуствуваше и министерот за здравство Венко Фипипче и градоначалникот Максим Димитеривски.
„Одлична симулација, одлична организација. Иницијалните мерења покажуваат дека сме неколку минути пред тајмингот, така да тоа е доказ дека имаме спремни служби кои можат да излезат на терен и да пружат здравствена заштита таму каде што е најнеопходно, во ваква кризна ситуација“, рече министерот Филипче.
Високиот претставник на Светската здравствена организација во Македонија др. Џихане Тавила, вели дека ниту една земја не може да тврди дека е заштитена од итни состојби и катастрофи, било да се поплави и земјотреси или кризни состојби со раселени лица и бегалци.
„Македонија неодамна беше сведок и на двете. На голем прилив на бегалци во 2015 година и поплавите во 2016. И двата настани ја чинеа животи Македонија, ја чинеа имоти, богатство и оптоварување на здравствениот систем. СЗО активно работи со Министерството за здравство за зајакнување на националните капацитети и функции во областа на подготвеноста и одговор на кризи за сите опасности, исто така и за спроведувањето на Меѓународниот здравствен правилник, вклучувајќи и подготвеност и безбедност на болните“, рече Тавила.
С. НИКОЛИЌ