Тетовската дива депонија на влезот во градот од ден на ден се повеќе расте. Сметот почна да се фрла и на пристапните патишта, острата миризба станува неподнослива, а пожарите што често пати тука пламнуваат уште повеќе го загадуваат и онака високозагадениот тетовски воздух. Да се има ваква отворена депонија на помалку од 100 метри од најблиските станбени објекти и на само 500-600 метри од центарот на градот е реалност која во Тетово постои повеќе од дваесет години.
„Да, сега на местото на претоварната станица има поголема количина смет, бидејќи од неодамна жителите на гостиварското Русино го блокираа патот за нашите камиони кои го носеа сметот на истоимената депонија близу ова село. Сега сме приморани сметот повторно да го носиме во скопската депонија Дрисла, но тоа ни одзема многу време и затоа не можеме целата количина која во текот на денот се собира во градот да ја транспортираме во Дрисла“, вели директорот на Јавното комунално претпријатие (ЈКП) од Тетово Џалал Цека.
И по којзнае кој пат од ЈКП Тетово најавуваат дека наскоро овој проблем конечно ќе биде решен.
„Во близина на село Требош закупивме еден простор каде во најскоро време ќе биде инсталирана опрема со која сметот, што во текот на денот се собира во градот, ќе се сортира и ќе се пресува во 35-тонски контејнери и така ќе се носи во Дрисла. На овој начин, во голема мера ќе се намалат и нашите транспортни трошоци. Ваквиот начин на собирање на сметот ќе отпочне при крајот на март или во почетокот на април, кога очекуваме да пристигнат пресите. Но и ова е само времено решение. Во март во село Фалише ќе започне да се гради современ траспортен центар за собирање и пресување на сметот, за што веќе е одобрен и тендерот. Тоа ќе биде објект од затворен тип и ќе биде направен според сите стандарди за ваков вид објекти, а ќе биде изграден за најмногу три месеци. Така мислиме проблемот со одложувањето и транспортирањето на сметот да го решиме за еден подолг период“, вели Цека.
И додека Тетово сѐ уште размислува за депонии, светските искуства говорат дека во високоразвиените земји целосно се менува односот кон одложувањето на сметот. Вакви некои искуства беа пренесени на панел дискусијата за дивите депонии во Полошкиот Регион која се одржа на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
„Во последните дваесет години, во Европа сменет е односот за начинот на управување со отпадот. Додека порано речиси сиот отпад се одложувше на депонии, во последниве години, посебно во високоразвиените земји на Европа, се забележува нагорен тренд отпадот што е можно помалку да се одложува на депонии. Во справувањето со сметот таму се наоѓаат нови начини и решенија тој да се рециклира, да се користи како секундарна суровина или да се користи како извор на енергија“, вели др. Христина Оџаклиевска, експерт по животна средина.
И тетовските еколошки друштва се со ставот дека ваквиот начин на третман на сметот е оној вистинскиот кон кој треба да размислува и локалната самоуправа од Тетово.
„Според нас, за тетовската депонија најдобро решение би било она што е применето во Љубљана. Таму од сметот се рециклира, се компостира и се произведува електрична енергија. Такво едно решение би било најдобро за Тетово и регионот, бидејќи ние сме против секави импровизации на овој проблем со краткотрајни решенија“, вели Нгадњим Мехмети од еколошкото друштво “Екогерила“.
„Работата е не само како да се третира отпадот туку и што помалку одпад да создаваме. Словенците сега плаќаат само 420 денари месечно за собирање на сметот, а таа услуга има големи еколошки и социјални бенефити, отвори нови работни места, ја заштити животната средина и скрати многу од трошоците на комуналните претпријатија, додека ние во Скопје плаќаме 300 денари месечно и немаме никаква услуга. Немањето политичка волја, ниската граѓанска свест и незаинтересираноста за еколошките проблеми се главните причини за нерешавањето на овие проблеми“, појаснува Блаже Јофифовски, претседател на асоцијацијата за чиста животна средина “Еден на еден“ на Македонија.
На тетовската дива депонија пристигнува уште еден камион на ЈКП за да го истури товарот, а со тоа за уште малку ја зголеми висината на планината од смет. Во Тетово секој ден се собираат од 100 до 150 тони смет, во зависност од периодот на годината.
К. СЕЈФУЛА