Изгаснат е пожарот што денес беснееше во Паркот на природата „Езерани“ крај Преспанското Езеро. Огнот изгоре поголема површина со трска и нискостеблеста вегетација. Освен во паркот, изгорена е голема површина од трска и пред туристичката населба Отешево. Жална е глетката врз преспанското крајбрежје зашто дел од брег е потемнет од пепел.
„Езерани“ е значајно подрачје за развој на птици, каде, според Планот за управување, има појас на трска од 262 хектари. Трската се смета за прочистувач на водата, живеалиште и место за размножување на дивиот жив свет во Езерани. Во изминатите години имаше случаи на намерно потпалување на трската од непознати сторители и се претпоставуваше дека на тој начин се обезбедува поголем простор за пасење на добитокот. Но, на влезот од паркот несовесни жители од околните села создаваат депонии кои се лесни за потпалување.
Во „Езерани“ вклучително и делот од Преспанското Езеро регистриран е исклучителен диверзитет на птици. Вкупниот број утврдени видови изнесува 216, што претставува 66% од птиците на национално ниво, или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа
„Локализирани се сите пожари што гореа во Преспа. Во Езерани пожарот е ставен под контрола. Во Галичица направени се заштитни појаси за да не се шири огнот. Но, останува да се види каква ќе биде состојбата утре во Националниот парк бидејќи уште има жаришта“, рече Ристе Илиевски, командир на противпожарната територијална единица.
Пожарите се предизвикани од човечки фактор. Лани цела година во Противпожарната единица од Ресен имала 120 интервенции, а годинава за три месеци 113.
Слична е ситуацијата и во Битола, каде деновиве малку недостигаше пожарот да ја зафати моликовата шума на Пелистер. Во првите три месеци од годинава во Битолско се случиле 68 пожари на отворен простор и тоа најголемиот дел од нив во близина на потпелистерски села Острец, Кишава, Драгожани, Лисолај, Ротино и Цапари. Лани во овој период имало само 16 пожари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА