СЕ СПРЕМА ГРАДИЛИШТЕТО ЗА СПОРНАТА 17-КАТНИЦА ЗА 2.000 ЖИТЕЛИ СРЕДЕ БОЛНИЧКИОТ КОМПЛЕКС НА ВОЕНА БОЛНИЦА ВО СКОПСКИ КАРПОШ

    СЕ СПРЕМА ГРАДИЛИШТЕТО ЗА СПОРНАТА 17-КАТНИЦА ЗА 2.000 ЖИТЕЛИ СРЕДЕ БОЛНИЧКИОТ КОМПЛЕКС НА ВОЕНА БОЛНИЦА ВО СКОПСКИ КАРПОШОд „Независни за Карпош“ бараат Министерството за култура итно да постапи по нивната претставка поднесена пред повеќе од два месеци за запирање во целост од извршување на криминално издаденото позитивно конзерваторско мислење. (Фото: СДК.МК)

    Се подготвува теренот за изградба на спорната 17-катница среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. Градежна механизација од утрово го расчистува просторот кој е ограден со тараби. Советничките од „Независни за Карпош“ Невена Ѓорѓиевска и Татјана Стојановска велат дека на терен се спрема градба на спорната зграда за 2.000 жители, а Општина Карпош не кажува дали е издадена градежна дозвола.

    На огласната табла на Општина Карпош нема објавено дека е издадена градежна дозвола, а од утрово се паркираат камиони и приватни коли, што значи наскоро ќе почне да се гради. Уште кога беше издадено позитивно Конзерваторско мислење го оспоривме. Криминалното одобрение беше издадено од бивш директор кој е во притвор како соучесник во злосторничко здружение и ниту една институција не постапува по поднесените претставки за запирање во целост од негово извршување и барања за огласување на ништовно. Сите молчат, а со тоа аминува криминалот кој постојано ни се случува“, вели Невена Ѓорѓиевска од „Независни за Карпош“.

    Од „Независни за Карпош“ бараат Министерството за култура итно да постапи по нивната претставка поднесена пред повеќе од два месеци, на 28 ноември 2023, за запирање во целост од извршување на криминално издаденото позитивно конзерваторско мислење од 8 ноември 2023 со кои се дава даде зелено светло за градење на комплексот на згради од 17 ката со 419 станови плус деловен простор, со 2.000 жители и најмалку 1.000 возила.

    Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Од институцијата најпрво имаше негативно конзерваторско мислење, но тогашниот директор Константин Димитровски не го потпиша. Потоа Димитровски потпиша ново, позитивно мислење, со кое се дозволи градба до Воена болница со што Општина Карпош може да даде градежна дозвола. Димитровски само неколку дена подоцна беше приведен за уривањето на хотел „Шар“ во Скопската стара чаршија.

    Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ КОМ ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“.

    Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.

    САКАМДАКАЖАМ.МК информациите за спорното урбанистичко решение во Општина Карпош ги доби во пријава на алатката Пријави корупција и независно ги верификуваше.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира