Со мобилни здравствени сервиси ќе се подобрува грижата за жителите во руралните средини, најави Министерството за здравство. Еднаш до двапати неделно ќе се посетуваат селата Извор и Богомила, кои неодамна реагираа, но и други, кажа министерот за здравство Венко Филипче при посетата на Велес.
„Воведуваме модел на мобилни сервиси, односно ја доближуваме здравствената услуга до жителите на околни места на Велес кадешто нема доктори, па тие се принудени да патуваат до Велес и во градот да купуваат лекови од аптека“, кажа Филипче.
Овој пилот проект веќе стартувал во некои села во Кочанско и Битолско. На жителите од руралните средини им недостига лекарска услуга, а амбулантите се празни, оти нема интерес кај младите лекари да работат таму.
„Сервисот ќе се надополни со мобилна аптека, па жителите од далечните рурални средини во самите места ќе ги добиваат здравствените услуги“, дополни Филипче.
Мобилните тимови со доктор и сестри ќе даваат соодветни услуги во локалните амбуланти, а жителите ќе знаат во кој ден од неделата ќе доаѓаат. Така ќе се искористат објектите кои сега се празни. Ова доаѓа откако жителите на Извор и Богомила реагираа што немаат континуирана здравствена заштита, а рурален лекар доаѓа двапати во месец.
„Амбулантата не работи од 2008. Кога ја направија сѐ ново донесоа, дури и стоматолошки апарати и лабораторија. Сега сѐ се распадна, нема човек и таа пропаѓа, а имаме потреба од доктор. За најмала потреба од доктор патуваме до Велес 40 минути“, велат жителите на Извор.
Тие од Богомила патуваат и по еден час, а толку време ѝ треба и на итната помош да стигне до селото. Градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски вели дека локалната власт е подготена да ги плаќа сметките за ординацијата, киријата и комуналиите.
Од Здружението на приватни лекари велат дека за да биде некој рурален доктор и да ја добива стимулацијата од државата во висина од 90.000 денари, треба да има 500 запишани пациенти, бројка која за повеќето села во Велешко е недостижна.
П. ПЕЧКОВ